Хрватскиот колумнист Борис Дежуловиќ во Скопје

Со претставување на дел од творештвото и разговор со двајца автори, искусни новинари, уредници и колумнисти, во „Даутпашиниот амам“ во Скопје започна 12. интернационален литературен фестивал „Про-за Балкан“ во Скопје. На првата фестивалска вечер публиката имаше задоволство да ја истражи динамиката на Борис Дежуловиќ од Хрватска. На гостите на фестивалот добредојде им посакаа идејните творци на фестивалот: Дејан Трајкоски, Александар Прокопиев и Ермис Лафазановски.

Борис Дежуловиќ, некогашен соборец на Предраг Луциќ во „Ферал трибјун“, веќе дваесет години е колумнист во хрватските неделници и дневни весници. Со своите колумни со години отвора значајни и чувствителни теми за хрватското општество, поради што неговата работа многупати беше напаѓана и критикувана. За Хрватска денес вели дека кога ќе се гребне под површината излегува смрдлив гној што не е излекуван уште од 1990-тите години.
– Во време на црните 1990-ти, во екот на војната, никогаш не сум имал проблем да шетам по Сплит, никогаш не сум имал никаква непријатност, иако како редакција на „Ферал трибјун“ сме доживувале најлоши работи. Денес по 30 години секој кретен во Сплит има потреба да задева, да потфрла и фала богу не сме стигнале до тоа физички да ме напаѓа. Но таа атмосфера во општеството е неспоредливо полоша. Јас побегнав од Сплит, зашто тоа е смртоносна комбинација на два најголеми ужаса на мојот живот, а тоа се фашизмот и туризмот. Е, во Сплит тие две се споија во комбинација од која морав да побегнам. Јас го сакам Сплит најмногу на светот, но, за жал, тој веќе не е мојот град – истакна Дежуловиќ.

Лафазановски рече дека тоа што го одликува како автор сите овие години се сатирата, црната сатира, иронијата. Дежуловиќ раскажа и за тоа како завршиле на суд во поранешна Југославија под обвинение за ширење лажни вести. Тогаш судијата донел ослободителна пресуда и во обраќањето на јавниот обвинител му рекол „вие малку сте се зезнале, сатирата по дефиниција е ширење лажни вести“.
– Сатирата е ширење лажни вести со што би се кажала вистината. Еве, веќе 30 години како го работам тоа и се влечам по судови – додаде Дежуловиќ.

Организатор на фестивалот „Про-За Балкан“ е издавачката куќа „Прозарт медиа“ од Скопје.