Ексклузивно во „Колибри“ објавуваме извадоци од романот за деца на Мирјанка Ристеска-Селчанец – „Насмевка“ (5)

Драги деца, во неколку продолженија во „Колибри“ ќе можете да го прочитате романот „Насмевка“ на писателката Мирјанка Ристеска-Селчанец, кој таа своевремено ѝ го посвети на својата внука Ана, која денес е успешна млада жена.
Селчанец е македонска авторка, чие творештво има над 45 дела во сите книжевни жанрови. Родена е и цел живот живее во Прилеп, кој ѝ е вечна инспирација и најголема љубов. Нејзиното творештво е наградувано, преведувано и изведувано на театарските штици од бардовите на македонската театарска сцена.
Таа ни откри дека кога била осумгодишно девојче ѝ била објавена првата песничка „Врапче“ во „Колибри“, која ја чува и денес. Токму затоа ве охрабрува откако ќе го прочитате и ова четврто продолжение, а секако и наредните, да ни пишете, да ѝ поставите прашања во врска со содржината, на кои таа со задоволство ќе ви одговори.

„Јас, Нани, најмногу од сѐ сакам животни. Еве, Моли, јас без неа не можам ни….“ – брборела Насмевка, играјќи си со белата мачка, зашто Моли веќе мошне пораснала.
Нани, која во тој момент ѝ го средувала шкафчето на Насмевка, само ја погледнала со многу љубов и си ја продолжила работата.

Наближувал четвртиот роденден на Насмевка. Татко ѝ, кралот Милко, и мајка ѝ, кралицата Мила, ја викнале Нани да им помогне да одберат убав подарок за нивната ќерка. Нани размислила малку, па рекла:

„Право да ви кажам, Ваши Височества, баш вчера Насмевка ми кажа дека најмногу од сѐ сака животни. Како ја милува мачката Моли, како ѝ зборува…“
Дошол денот на роденденот. Големата торта била украсена со разни цветчиња и со четири свеќи во средината. Околу масата седеле многу гости. Сите тие ѝ донеле убави подароци на Насмевка: една голема кукла што плаче како бебе и вика „ма-ма“, прекрасен розов велосипед на три тркала, голем кадифен медо, неколку сликовници… При крајот на големата гостинска маса седела една убава госпоѓа облечена во бело. Кога Насмевка дошла до неа за да го прими подарокот, тетката шепнала:
„Насмевке, јас сум тета Добринка“ – и ѝ ставила околу вратот едно синџирче со бисерно срце, велејќи: „Ова бисерно срце може да ти помогне ако се најдеш во неволја. Само треба да го бакнеш, затоа добро чувај го“.
Малечката Насмевка брзо ја одминала непознатата тетка. Скоро ги заборавила зборовите што таа ѝ ги рекла. Отрчала во прегратките на мама и тато, кои пред себе имале еден голем пакет завиткан со розови панделки. Насмевка била нестрплива да види што има внатре. Со помош на Нани брзо ги одврзала панделките, го отворила капакот од кутијата и – внатре, со ширум отворени очи и со исплазено јазиче потскокнувало едно бело-златно кученце. Околу вратот носело розово кожено ременче на кое висела златна плочка, на која нешто пишувало. Ама Насмевка сѐ уште не знаела да чита, па затоа кралицата Мила прочитала:
„Астор“.
„Ох, мамо, кученцето се вика Астор!“ – со возбуда извикала Насмевка и ја пуштила раката да го погали. А Астор ја лизнал својата малечка другарка.
Оттогаш деновите на Насмевка биле исполнети со игри со Моли и Астор. Кога Насмевка го возела розовиот велосипед по патеките од градината, Астор секогаш трчал напред, а Моли по неа. Тројцата биле прекрасна дружина. Цело лето се бркале, паѓале, станувале, се прегрнувале, растеле… во градината.
Дошла есента. Насмевка, сега веќе поголема, почнала да ги забележува промените што се случувале во природата и за сѐ ја прашувала Нани:
„Зошто лисјата на дрвјата пожолтеле? И зошто многу од нив испопаѓале наземи? А и зошто е сега поладно, па јас морам да облечам палтенце?“
Стрпливата Нани ја зела во скутот и почнала да ѝ објаснува, прашувајќи ја по нешто:
„Ти Насмевке, знаеш ли колку години имаш?“
„Знам! Четири“.
„Е така. Тогаш, кога ти наполни четири години…“?
„Кога ми беше роденден“.
„Да, тогаш беше пролет. Сите дрвја беа расцутени и раззеленети, птиците весело летаа и му се радуваа на сонцето. Сите рози во нашата градина тогаш беа полни со пупки и со понекој расцветан цвет. Потоа времето стануваше сѐ потопло и дојде…“
„Лето!“ – извикала Насмевка и заплескала со рачињата.
„Во лето е најтопло и сонцето пече високо на небото. Потоа времето станува постудено, деновите се пократки. Преселните птици одат на југ“.
„Кои се преселни птици, Нани?“
„Штркот, ластовицата, дивата гуска, сојката… Тие секоја есен заминуваат на долг пат во топлите краишта, напролет се враќаат дома во своите гнезда. А кога сонцето ќе ослабне и времето ќе стане поладно, лисјата на дрвјата почнуваат да жолтеат и да паѓаат. Така, полека, полека гранките остануваат сосема голи и ја чекаат зимата да ги облече со бела руба“.
„О-о, знам. Снег. Тоа е таа бела руба, нели Нани?“
„Да, да…“ – со широка насмевка на лицето Нани ја гушнала својата миленичка, додека Моли дремела стуткана на клупата, а Астор стоел пред девојчето и весело вртел со опашката.
Во тој момент, тоа октомвриско попладне, неочекувано, црни облаци го прекриле небото и почнал да дува силен ветер. Почнале да паѓаат крупни капки дожд.
Нани веднаш скокнала од клупата, ја грабнала Насмевка за раката и извикала:
„Брзо дете, да бегаме! Се налути Планината, го испрати Дождовниот ветер. Трчај да бегаме, да не накиснеме…“
Насмевка првпат почувствувала нешто од кое почнала да се тресе, а не ѝ студело. Ѝ било страв. Уплашеното девојче се стрчало во прегратките на Нани и почнало да плаче.
„Зошто плачеш мило мое, зошто се тресеш? Да не ти студи?
„Не, не ми студи, мене ми е страв“ – и цврсто ја гушнала Нани.

(Продолжува)