Во културниот центар „Јадро“ е отворена четвртата самостојна изложба на Јулија Манојлоска. Секој сегмент на просторната инсталација насловена „Пред будење“ претставува посебен елемент и дело само по себе.
– Делото како објект за првпат беше изложено на Меѓународното биенале на млади уметници во Музејот на современата уметност во 2023 година. На оваа самостојна изложба, делото и понатаму го претставува изминатиот период како период пред будење, период на лебдење на идентитетите, но овој пат во просторот на движење, каде што нивното присуство почнува да ѝ пречи на публиката. Повторно ги истражува волуменот, формата и бојата како обоеност и шаренило. Инсталацијата односно објектот е просекот на наталожените емоции, црното индиго на идентитети над нашите глави и некритичкиот поглед кон наметнатото – се наведува во најавата.
Јулија Манојлоска во 2015 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на Јован Шумковски. По завршувањето на студиите активно се занимава со сликарство и инсталации во областа на современата ликовна уметност.
Манојлоска има учествувано на повеќе групни и самостојни изложби и проекти од областа на визуелни уметности.