Идеалната тишина на Вијариџи е добар терен за совршена концентрација и посветена работа, вели нашата уметница

Македонската уметница Билјана Билбилоска престојуваше на ликовната резиденција „Монферато“, која се одржа во Вијариџи, северна Италија, и на која учествуваа десет уметници од Македонија, Албанија, Италија и од Унгарија. Резиденцијата е во организација на реномираниот сликар од Сицилија, Пипо Алтомаре, како и со посебна поддршка и логистика од архитектот од Монферато, Клаудио Моглиоти.
Резиденцијата традиционално се одржува секоја година во летниот период.
– Резиденцијата е поддржана и од Општината Вијариџи, мало село во близината на градот Асти, каде што традиционално се одржува. Во допир со природата и со италијанската архитектура, со пастелните бои карактеристични за поднебјето, резиденцијата има цел сето тоа да го пренесе на платно – вели Билбилоска.
Таа вели дека имала чест да биде учесник заедно со некои од најдобрите современи италијански сликари.
– Предизвикот беше огромен, а времето кратко. Во нивното присуство се навратив на базични лекции по сликарството, како на пример, како да се исфрли белата боја од палетата и на тој начин, палетата да се доведе до повисока звучност. Идеалната тишина на Вијариџи е добар терен за совршена концентрација и посветена работа – вели нашата уметница.
На резиденцијата учествуваа и двајца фотографи.
Сликарот и организатор на резиденцијата, Пипо Алтомаре, исто така е организатор и на традиционална уметничка резиденција на Сицилија, каде што Билбилоска е поканета да престојува следната година.