Се отвора изложбата по повод 120 години од раѓањето на Томо Владимирски
Изложбата по повод јубилејот 120 години од раѓањето на Томо Владимирски ќе биде отворена вечерва, во 20 часот, во „Даутпашиниот амам“. Во оваа пригода, по повод одбележување на јубилејот, даден е акцент на неговиот вистински печат и препознатливост, оној сижеен корпус со кој Владимирски оставил неизбришлива трага во македонската модерна основоположничка генерација, а тоа се пејзажот и неговиот специфичен македонски колорит. Владимирски е поет на македонскиот пејзаж, сликар што умеел да ја преточи убавината на македонските предели во прекрасни дела. Истовремено, тие се и сведоштво за односот на човекот кон природата, кој забрзано се менува во современата констелација од развојот на нашата планета во кој доминира човекот – периодот наречен антропоцен. Со своето творештво тој остави трајни вредности, кои се дел од националното културно богатство, како важен дел од развојот на македонскиот модернизам во ликовната уметност.
Изложбата ја подготви кустос-советничката Ана Франговска, а ќе биде поставена цел месец. На неа се изложени околу 70 дела во техниките масло на платно и на лесонит, а истите тие се во сопственост на фамилијата на Владимирски, но и на голем број приватни сопственици и почитувачи на делото на Владимирски. На изложбата, покрај уметнички дела, ќе биде изложен и документарен материјал, кој ќе ни ги претстави и личноста и значењето на Владимирски, но и проекција на дела на Владимирски во аугментативна реалност, т.е. анимирани, со што на самиот проект ќе му дадеме една мултимедијална димензија и разновидни сензации.
– Неговиот мирен и ненаметлив карактер, умерен и посветен уметнички нерв, дисциплинираност и скромност придонесуваат Владимирски да остави своја автентична трага во историјата на македонскиот модернизам. Неговиот квалитетен уметнички сензибилитет е забележан и високооценет од локалната, но и од меѓународната критичка фела. Во оваа пригода, по повод одбележувањето на јубилејот, одлучивме да дадеме акцент на неговиот вистински печат и препознатливост, оној сижеен корпус со кој Владимирски оставил неизбришлива трага во македонската модерна основоположничка генерација, а тоа се пејзажот и неговиот специфичен македонски колорит – велат од Националната галерија.
„Постојаниот дијалог помеѓу физичката средина и човечката перцепција“ е констатација што сосема адекватно го објаснува пристапот на Владимирски кон обработката на пејзажот. За него пејзажот не е само сензација, доживување, замрзнување на еден миг туку е живот, енергија, трансформација, постојана промена.
– Убавината на природата е во нејзините разновидни и различни форми. Тоа им станува очигледно на оние што поседуваат способност да ја перципираат и ценат формата како форма. Тие активно ги бараат, истражуваат, набљудуваат и толкуваат овие форми, што на крајот доведува до восхит и уживање. Оттука, согледувањето и вреднувањето на величественоста на природата бара чин на толкување, посветеност и внимание, фокусирано набљудување и развој на перцептивна перспектива. Оваа сеопфатна гледна точка опфаќа и набљудување на природните структури и создавање уметнички претстави, бидејќи интерпретираната форма и формираната слика, мора да се усогласат во уникатната конфигурација карактеристична за контемплацијата. Следствено, Владимирски е исклучителен набљудувач и анализатор на природата, уметник што умее на виденото и регистрираното да му придодаде формално естетска вредност и експресија на трансформација или драма во пејзажот, што останува забележано на површината на неговите платна. Моментот на одвојување од природата (иако бидувајќи во неа), за да се види нејзината целина или целисходноста на кадарот, е всушност клучниот момент што ја зголемува мајсторската вештина на Владимирски – вели кураторката на проектот Ана Франговска, кустос-советничка.
Томо Владимирски е еден од основоположниците на македонскиот модернизам во ликовната уметност. Македонскиот модернизам, чија основа ја поставија неколкумина претставници на првата основоположничка генерација образовани македонски ликовни уметници, започнува да се следи од крајот на втората и третата деценија на минатиот век, преку активности и изложби што почнуваат да го носат „новиот“ модерен дух на развиените европски општества, имплементиран генерално низ активната соработка со северниот сосед. На таа генерација, која ја предводат Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Димитар Пандилов-Аврамовски, Димо Тодоровски, Вангел Коџоман и други, им се приклучува со мало задоцнување и Томо Владимирски. Неговиот мирен и ненаметлив карактер, умерен и посветен уметнички нерв, дисциплинираност и скромност придонесуваат Владимирски да остави своја автентична трага во историјата на македонскиот модернизам. Неговиот квалитетен уметнички сензибилитет е забележан и високооценет од локалната, но и од меѓународната критичка фела. В.Д.