Во организација на Хрватско-македонската тангента
Од денеска до 7 септември во Шибеник ќе се одржат петтите „Денови на македонска култура“ и десеттата меѓународна средба на писателите „Од остров на земја до остров на море“ во Зларин.
„Деновите на македонската култура“ во Шибеник внесуваат нова културна димензија преку многубројните содржини предвидени со оваа манифестација, која се одржува по петти пат. Свеченото отворање се одржа во Музејот на градот Шибеник во присуство на истакнати личности од општествениот живот на Хрватска, Македонија, Словенија… Оваа веќе препознатлива културна манифестација е во организација на невладиното здружение Хрватско-македонска тангента.
Посетителите ќе имаат можност да се нурнат во особеностите на македонската култура преку низа настани, трибини, предавања и изложби. Утре програмата продолжува во 10 часот, во градската библиотека „Јурај Шижгориќ“, Шибеник, каде што ќе се одржи трибината „Трендови во современата култура и уметност“ како дел од културниот настан „Трага од пишани зборови“, а учесниците се од Македонија (Лидија Капушевска Дракулевска, Владимир Мартиновски и Томислав Османли, писател), Словенија (Намита Субиото, славистка и македонистка), како и поголем број литературни творци, новинари и публицисти од Хрватска.
Утре, пак, на островот Зларин ќе се одржи познатата меѓународна книжевна средба „Од остров на копно, до остров на море“ (учествуваат поети, писатели, професори, публицисти и новинари), настан што одржа континуитет од 2014 година. Програмата предвидува богат литературен корпус каде што поети, писатели и публицисти од Скопје, Љубљана, Загреб, Задар, Сплит и од Шибеник ќе читаат свои песни или фрагменти од своите дела. По тој повод ќе биде промовирана книгата „Градоначалникот на Хипнополис“, посветена на творештвото на акад. Влада Урошевиќ, заедничко теоретско дело на Лидија К. Дракулевска и Владимир Мартиновски од Филолошкиот факултет во Скопје. Дел од овој настан е посветен на островот Зларин и истакнатите хрватски книжевни автори Весна Парун и Младен Бјажиќ.
В петок, на 6 септември, во градската библиотека „Јурај Шижгориќ“ во Шибеник, во 19 часот, првпат ќе биде промовиран романот „Заборав“, најновата книга на Томислав Османли, познат македонски писател и драмски автор. Промотор на најновата книга на Османли ќе биде Лидија Капушевска-Дракулевска. Одломки од романот „Заборав“ во превод на хрватски ќе чита познатиот шибенски поет, новинар и водител Никола Урукало. Во 19.45 ч. креативната сцена ќе ја збогати настапот на сестраниот уметник и писател Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, со изложбата „Музички слики“ и неговиот музички перформанс. Мартиновски се занимава со литература, музика и ликовна уметност.
„Деновите на македонската култура“ остануваат ефикасна и плодна иницијатива и процес што ги продлабочува врските и ги зајакнува културните односи меѓу Хрватска, Македонија и другите земји во регионот и промовира меѓународно разбирање и дијалог. Впрочем, тоа се темелните вредности на кои се заснова и развива хрватско-македонската тангента. Организаторите на Хрватско-македонска тангента најавуваат серија дискусии и предавања, кои ќе ги истражат општеството и современите предизвици, како во Македонија така и во Хрватска и Словенија.
Деновите се одржуваат по повод 8 Септември – Денот на македонската државност. Покровители на овој настан се Советот за национални малцинства на Република Хрватска и градоначалникот на градот Шибеник, Жељко Буриќ, а настанот се реализира со поддршка на Туристичките заедници на градот Шибеник, Шибеничко-книнската жупанија и Зларин, а во соработка со Музејот на градот Шибеник и градската библиотека „Јурај Шижгориќ“. В.Д.