Во периодот што следува имаме и неколку меѓународни европски купови, потоа Балканското првенство за млади сениори, до 23 години, во Пеќ, во октомври, а ќе почне и редовниот процес на базични подготовки за следната година, кои ќе траат до почетокот на новата натпреварувачка година, вели селекторот на сениорската репрезентација, Мицкоски

БРОНЗА ЗА МАКЕДОНИЈА НА СЕНИОРСКОТО БАЛКАНСКО ПРВЕНСТВО ВО САРАЕВО

Изминатиот викенд во Сараево (БиХ) на Балканското првенство (БП) во џудо за сениори настапија 11 држави со 119 натпреварувачи, меѓу кои и Македонија, предводена од селекторот Горан Мицкоски. Натпреварите се одвиваа во поединечна конкуренција и екипно микс, каде што Македонија го освои бронзениот медал. Боите на Македонија на ова БП ги бранеа Лилјана Недановска (категорија до 57 кг), Ива Богдановска (до 63 кг), Катерина Ацевска (над 78 кг) и Еди Шерифовски (до 81 кг), кој беше учесник и на неодамна завршените Летни олимписки игри (ЛОИ) во Париз.
– Како селектор задоволен сум од настапот на ова Балканско првенство, посебно во екипното микс натпреварување, а уште повеќе ако се знае дека уште во почеток бевме хендикепирани, оти настапивме со четворица џудисти, а еден екипен меч се состои од шест натпреварувачи, тројца во машка и тројца во женска конкуренција. Но нашиот репрезентативен список, за жал, беше ревидиран два дена пред заминувањето за Сараево, откако поради здравствени причини двајца џудисти, по препорака на лекарски тим, го откажаа учеството, па така, наместо шест имавме четворица натпреварувачи – вели Мицкоски.
Во првиот ден се одржаа поединечните натпревари, а во вториот екипните.

– Настапивме и поединечно и тимски. Ацевска го освои петтото место, откако ја загуби борбата за бронзениот медал, а Недановска и Богдановска беа седмопласирани. Шерифовски во борбата со претставникот на БиХ беше оштетен со непостоен ипон, односно наместо тој да добие, доби неговиот противник, што беше несвојствено. Недостигот од двајца џудисти во екипниот дел си го стори своето против Турција, БиХ и Црна Гора, оти противникот уште во почетокот водеше со 2-0. Посебно немавме среќа против најголемиот кандидат за златото, БиХ, против која добивме три борби и успеавме во регуларниот дел да биде нерешено 3-3. Во такви случаи следува правилото на т.н. златен поен, односно електронски се влече категоријата за дополнителната решавачка борба, а компјутерот извлече категорија во која ние, за жал, немавме натпреварувач и со тоа им припадна вкупната победа. Да победевме во овој меч, ќе бевме најмалку втори. Сепак, според бројот на вкупно освоените поединечни поени во екипниот дел, на крајот бевме трети, што е успех, ако се знае дека не бевме комплетни. Црна Гора стана балкански првак – рече Мицкоски.
Според Мицкоски, ваквите екипни микс натпреварувања се добредојдени и влијаат помотивирачки кај репрезентативците.

– Поборник сум на овие екипни микс натпреварувања и би сакал секогаш кога имаме можност да настапуваме на истите тие, оти на овие натпреварувања македонските џудисти го даваат својот максимум од причина што настапуваат тимски. А таквото учество влијае помотивирачки, оти заедно се борат и ги бранат боите на Македонија. А во Сараево македонските џудисти прикажаа многу добри борби во екипниот микс. Се случувало и со еден поединечен поен да бидеме трети, но овде, сепак, освоивме повеќе поени. Со БиХ беше 3-3 во регуларниот дел, а сепак на крајот сме поразени со 3-4 поради немање натпреварувач во таа тежинска категорија, која компјутерски беше одредена да го одлучува победникот – вели тој.
Што се однесува до иднината на македонското сениорско џудо, селекторот е оптимист.
– Очекувам во блиска иднина во сениорската репрезентација да се приклучат и некои џудисти/ки од јуниорскиот состав, кои се и носители на медали од силни натпреварувања и се надевам дека во следната година репрезентацијата ќе биде поконкурентна за да може да освоиме злато или сребро, што ни е и целта. Исто така, во периодот што следува имаме и неколку меѓународни европски купови, потоа Балканското првенство за млади сениори, до 23 години, во Пеќ, во октомври, а ќе почне и редовниот процес на базични подготовки за следната година, кои ќе траат до почетокот на новата натпреварувачка година – вели Мицкоски. Г.И.