Годишнини

Со настан под мотото „Џинот – учител и прави человек“, Општина Велес кон крајот на август одбележа 142 години од смртта на македонскиот преродбеник Јордан Хаџиконстантинов-Џинот.
Во рамките на дневните активности беше положено цвеќе на гробот на Џинот, кој се наоѓа во црквата „Св. Спас“ во Велес. Вечерта, пак, на 22 август, членовите на младинското драмско-поетско студио „Премиера“ од Велес, односно „премиерците“ како што ги нарекува нивната наставничка Анита Станинова Мирчева, изведоа поетски перформанс со музички колаж на Петар Марков-Маруш.
Настанот се случи во Спомен-куќата на Јордан Хаџиконстантинов-Џинот.
Просторот беше претесен да ги прими сите вљубеници во поетската уметност, но и почитувачите на делото на Џинот. Како и обично, изведбата на „премиерците“ наиде на воодушевување и нивната изведба беше наградена со силен аплауз. Тие низ рецитации проследена од музика раскажаа дел од животот, патешествијата и судбината на Џинот и неговите настојувања за културна преродба и напредок.
Инаку, ова драмско-поетско студио од Велес функционира веќе три години и има чести настапи во земјава и во странство, по различни поводи и на различни манифестации. Досега гостувале на фестивалите „Панонија“ и „На крилјата на детството“ со театарската претстава „Корона чао“, со која освоиле прво место меѓу шеснаесет учесници од сите некогашни југословенски држави. Нивна најиграна претстава е „Тивки жртви“, која досега ја одиграле дванаесет пати, а на Драмскиот аматерски фестивал (ДАФ) во Кочани ја освоиле наградата за најдобра женска улога.
Студиото се јавува и како организатор на последните две изданија на една од најзначајните поетски манифестации за деца кај нас „Детски Рацинови средби“.

Ф.Д.