„Колибри“ на сите ученици им посакува среќа и успех на почетокот на учебната година!
Сѐ уште го паметам првиот училиштен ден, иако беше многу одамна. Ги чувствувам гребењето во грлото и вознемиреноста, како и прашањето што лебдеше во воздухот – што ќе биде сега? Затоа, драги првачиња, добро знам како ви е, бидејќи деновиве со едната нога веќе зачекорувате во светот на возрасните. Отсега сѐ што ќе направите или ќе кажете, пред сѐ на училиште, ќе се оценува и вреднува. Но така ќе биде и дома и кога ќе си играте со другарите. Вие станавте ученици, а тоа не само што звучи гордо туку со себе носи и голема одговорност.
Ќе почнете од почеток, од 1, од А и така буква по буква и бројка по бројка ќе учите да читате и пишувате, да собирате, одземате, делите и да множите. И кога полека-полека ќе се описмените и ќе почнете сами да читате и да пишувате, да решавате тешки задачи, сами пред себе ќе изгледате некако важно и нема да ви се верува дека толку многу сте напреднале за кратко време. А ако, сепак, нешто не ви успее од прва, не обесхрабрувајте се, тука е учителката сѐ да ви објасни, да ви покаже, да поразговара со вас.
Секако, мама и тато, но и другите членови на вашето семејство, со задоволство ќе му помогнат на секое прваче да реши некоја задача или да раскаже како го поминало летниот распуст.
И не заборавајте, не се учи само на училиште, туку и кога сте во кино или на натпревар, кога помагате дома или на баба и дедо им купувате леб и млеко, кога го шетате миленичето и се грижите за својата соба или за својата мала еко-градина…
А ако ви се види долго седењето на тврдото столче 45 минути, секогаш сетете се дека само ако столчето е загреано, тоа е поудобно, а и она што го учите и пишувате полесно ќе влезе во вашите главчиња.
И не грижете се, знаењето сѐ уште ќе биде во мода кога ќе пораснете и ќе ви отвори многу прозорци во животот.
Секогаш на ваша страна,
Марија Таушанска
Првиот училиштен ден
Денес Давид на
училиште оди,
за рака него,
татко му го води,
прваче од денес
Давид станува,
но на игрите верен им
останува.
На игралиште
со Тони ќе играат фудбал
ќе бројат кој колку голови дал
потоа дома, домашна
ќе пишуваат
во учење и во игра пак ќе
другаруваат.
Училиштето не е
ништо страшно
и не смее детските игри
да ги скрати
мора секое дете од училиште
дома насмеано да се врати.
Во клупите училишни
се случуваат
првите љубови во срцата
што пламтат,
а школските другари
и првите учители
вечно се памтат,
вечно се памтат.
Среќно на сите ученици
и наставници!
Со љубов,
Филип Димкоски