ДУИ со хибридна војна до освојување на власта

Од партијата на Али Ахмети пред една-две недели најавија дека во септември ќе започнат со сеопфатни демократски, легални активности, со кои ќе ја спречат мајоризацијата во Македонија, која се вршела врз Албанците. Според нив, ДУИ е партијата што на претходните избори освоила најголем број гласови од Албанците во Македонија и ДУИ е партијата што треба да биде на власт, а не во опозиција. Со активностите што ќе ги преземеле, вклучувајќи и со масовни протести, од ДУИ ќе ја принуделе Владата да го испочитува принципот „победник со победник“ и од сегашното опозициско столче, ДУИ да биде вратена на владејачкиот трон – каде што беше сместена последниве дваесет и неколку години.
Во оваа колумна фокусот не е врз тоа да се објаснуваме дали ДУИ навистина освоила најголем број од гласовите на Албанците, дали навистина се врши некаква мајоризација, дали навистина само ДУИ може да го заштити достоинството на Албанците во Македонија (ако воопшто може да се тврди дека нивното достоинство е загрозено), дали навистина е прекршен некаков принцип за формирање влада „победник со победник“, дали тој принцип, ако е воопшто дел од некаква легална норма, не е претходно прекршен токму од страна на ДУИ и врз слични бескрајни теми.
Фокусот во оваа колумна е врз активностите што ги најавува ДУИ, врз нивните најавени реални манифестни облици и врз евентуалните капацитети со овие активности да ја дестабилизираат државата во политичко безбедносна смисла, како и врз стратегиите за одговор на ваквото дејствување на ДУИ – кои Владата би требало да ги преземе за заштита од претстојна хибридна војна. Некои аналитичари го нарекоа тоа што го подготвува ДУИ шарена револуција, некои проценија дека ДУИ со најавените активности и реториката само си го билда рејтингот за следните локални избори, кои ќе следуваат идната година, а повеќето аналитичари велат дека ДУИ не располага со капацитети за посериозна дестабилизација на државата.
Според моето скромно мислење, тоа што ДУИ го најавува е хибридна војна со примена и на компонентата наречена обоена – шарена револуција. Во мојата книга „Хибридна војна-зад сцената“ (издадена во октомври 2023 година) детално ја објаснив оваа шеста генерација на војување и наведов дека (обоената – шарена револуција е составен дел – компонента на хибридната војна, која може но и не мора да биде применета – во зависност од процената на актерот што ја спроведува војната). Во истата книга хибридната војна е опишана како војна во која комбинирано се употребуваат воени и невоени стратегии и средства (при што претежна е употребата на невоени средства). За разлика од класичната конвенционална војна, во која ефектите се предизвикани од таканаречената кинетичка сила, во хибридната војна ефектите се предизвикуваат од претежно некинетичка сила, која дејствува на свеста и на потсвеста на населението. Целта и на конвенционалната војна и на хибридната војна е иста – да се принуди непријателот – противникот да постапи според волјата на агресорот – другиот учесник во војната.

ДУИ сака да го постигне токму тоа, да ја принуди Владата на Република Македонија повторно да биде дел од истата таа. Компонентите на хибридната војна, односно стратегиите, методите и средствата што се применуваат во неа се следниве: политичката компонента, економската компонента, информациската и информатичката војна, разузнавачката војна, психолошко-пропагандната компонента, јавното мислење, обоената револуција – како компонента на хибридната војна и воената компонента. Според најавите на ДУИ, во борбата за освојување на власта ќе користат и масовни долготрајни протести – што, според мојата процена, значи дека ќе употребат и обоена – шарена револуција, чии разорни ефекти ние Македонците (односно сите граѓани на Република Македонија) веќе еднаш силно ги почувствувавме. Одредени структури со хибридно војување во кое беше применета и шарената револуција ја презедоа власта во Македонија, ја згазија волјата на народот и против негова волја насилно го сменија историското име на државата, го доведоа во прашање македонскиот национален идентитет и многукратно го зголемија сопственото материјално богатство. Во спомената книга, обоените – шарените револуции се објаснети како стратегии и техники за преземање власт – или како мек државен удар (без висок интензитет на употреба на воената компонента). ДУИ со хибридно војување и со примена на обоена – шарена револуција сака да изврши мек државен удар, да ја преземе власта во Македонија, истакнатите членови на ДУИ, со вгнездувањето во власта, да го заштитат досегашниот капитал стекнат за време на владеењето и да си обезбедат услови за понатамошно профитирање. Точна е онаа народната – човечката алчност нема граници.
Стратегијата за преземање на власта во Македонија, која ја најавува ДУИ, а уште повеќе таа што се наѕира зад сцената, е идентична со стратегијата на хибридното војување опишано во мојата книга „Хибридна војна-зад сцената“. Тоа значи дека ДУИ ќе ја води борбата школски, според веќе во пракса проверени и докажани стратегии, кои вклучуваат и обоена – шарена револуција.

За разлика од повеќето аналитичари, кои проценуваат дека ДУИ не располага со капацитети да ја дестабилизира државата, јас сметам дека ДУИ поседува такви капацитети, најсериозно треба да се земат предвид нивните најави и Владата треба да започне веднаш со подготовките за заштита од најавената хибридна војна.
Стратегијата на ДУИ ги содржи следниве елементи: Која е целта на ДУИ? Целта е ДУИ да се врати на власт во Македонија. Кои се мотивите за ваквата цел? Високото раководство на ДУИ, за време на дваесетте и повеќе години владеење, се стекна со огромна политичка моќ и огромно материјално богатство, со бизниси што на месечно ниво им носеа милионски суми (во евра) и ќе продолжеа да им носат доколку не заминеа во опозиција. Со враќањето на власт, високото раководство на ДУИ би ги елиминирало евентуалните можности за законска одговорност поради нелегално стекнатите материјални богатства, би ја вратило изгубената политичка моќ и повторно би се стекнало со редовни огромни профити. Човечката алчност нема граници, претставниците на високото раководство на ДУИ не можат да дозволат да се најдат пред лицето на правдата и да го продолжат својот живот во затворите, без важност, без моќ, без пари… Ќе направат сѐ, буквално сѐ, за повторно да се моќни, да аздисуваат со парите и моќта. Нема посилни мотиви од наведените, човекот со своето битие постојано настојува да доминира врз другите и да ги задоволува своите инстинкти без граници, толку колку што ќе му биде дозволено. Во современиов период овие мотиви се наведени како мотиви за пари и моќ, кои понатаму би овозможиле постигнување на чувствата дека сум најпаметен, најубав, најсилен и поради тоа имам право да владеам со другите.

Дали ДУИ располага со доволно финансиски средства за финансирање на хибридната војна? Краток одговор – да, во ДУИ располагаат со огромни суми на финансиски средства и нема да жалат да ги трошат – бидејќи се силно мотивирани да ја постигнат зацртаната цел – без која тие би ја изгубиле смислата на живеењето. Дали ДУИ би ја добил странската поддршка? ДУИ, во подготовките за хибридната војна, вклучи еден од подготвувачите на рамковниот договор, со што ги добива симпатиите на еден дел од светската експертска и политичка јавност. Високите раководни структури на ДУИ функционираат врз принципот „ако нешто не можеш да добиеш со употреба на сила, пробај со пари, ако не го добиеш со пари, пробај да го добиеш со многу пари“. Со примена на овој принцип, според моето мислење, ДУИ ќе освои поддршка од значаен дел од странски политички – институционални и вонинституционални фактори.
Дали ДУИ би ја добил поддршката од опозициските структури во Македонија? Да, од значаен дел, бидејќи евентуалното враќање на ДУИ на власт би можело да значи и нивно враќање на власт, а како што погоре во текстот видовме, тоа е исклучително силен, можеби најсилен мотив за дејство.
Дали ДУИ би бил во состојба да собере таканаречена критична маса за протести и генерална поддршка? „Ако нешто не можеш да добиеш со употреба на сила, пробај со пари, ако не го добиеш со пари – пробај да го добиеш со многу пари“, со примена на наведениот принцип – според моето мислење, ДУИ ќе собере доволно критична маса за долготрајни масовни протести и поддршка на нивната борба.
Хибридната војна е комплексна војна во која се применуваат комбинирани воени и невоени стратегии, средства и методи – успешна примена на истата таа може да се очекува само ако се спроведува со високостручни концепти и исклучително вешто синхронизирани акции на сите учесници на стратегиско, оперативно и тактичко ниво.
Заштитата – одбраната од хибридната војна е посложена од стратегијата на агресорот – напаѓачот. Владата на Република Македонија требаше уште од вчера да започне со високостручни и сеопфатни подготовки за одбрана – заштита.

Авторот е магистер по политички науки

Владо Јованоски