Заклучно со 13 часот денеска има вкупно 12 пожари на отворено од кои четири се целосно изгаснати, а три се ставени под контрола, додека пет се уште се активни информира директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.
– Акцентот повторно беше ставен на гаснење на големиот пожар на територијата на Македонски Брод врз кој дејствуваме повеќе од 20 дена. Денеска овој пожар се одвива во три карака. Првиот крак е во насока на рибникот Белица, каде дејствуваме со два ер-трактора и со сили од земја. Вториот крак се движи во насока на викенд населбата Козјак, но овој крак веќе без малку е изгаснат, а направен е и противпожарен појас над викенд населбата кој нема да му дозволи на огнот да ги зафати куќите во викенд населбата – изјави Ангелов.
Нагласи дека во текот на вчерашниот ден во договор со унгарскиот противпожарен тим беше направен контра пожар на противпожарниот појас за да не може огнот преку тревата да премине кон викенд куќите.
– Третиот крак од овој пожар е оној што навлезе кон ловиштето Јасен. Тој е се уште активен и на него делуваме со два ер-трактора. Во текот на денот повторно ќе продолжиме да делуваме со двата ер-трактора кои во моментов се на пауза – посочи Ангелов.
На територијата на Македонски Брод, како што кажа, има пожар и кај селото Пласница каде делуваат двата кипарски ер-трактори.
Активен денеска е и пожарот на Планината Галичица кој се движи од врвот Магаро кон населбата Стење. И тука се дејствува со два ер-трактора.
– Во текот на денешниов ден добивме од Контролата на летање пријави за два нови пожара од кои првиот е во близина на светиниколското село Орле каде итно се испратени сили од земја и верувам дека локалните пожарникари брзо ќе го совладаат. Нов пожар има и на планината Сува Гора спроти селото Ласкарци – појасни Ангелов.
Посочи дека пилотите кога летаат над подрачјето на земјава пријавуваат до Контролата на летање доколку забележат чад некаде што дополнително помага брзо да се реагира.
– На располагање во моментов има само четири странски ер-трактори од кои два германски и два кипарски. Словенечкиот хеликоптер кој стигна денеска ќе биде оперативен од утре. Утре од земјава си заминува и унгарскиот тим од 46 пожарникари со специјални возила кој цело време интервенираше во регионот на Македонски Брод – прецизира Ангелов.