Фото: ЕПА

ЛОИ 2024 – АТЛЕТИКА

Штафетата на Јамајка без финале на 4х100 метри

Машката штафета на Јамајка на 4х100 метри не успеа да се пласира во финалето на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз. Ова претставува вистинска сензација, ако се знае дека Јамајка е спринтерската нација што го држи олимпискиот и светскиот рекорд во оваа дисциплина.
Но Јамајка имаше катастрофална серија во квалификациите, завршувајќи на четвртото место во својата група, зад штафетите на Кина, Франција и Канада, со време од 38,45 секунди, што беше дури 11-то во вкупниот пласман.
Катастрофална грешка беше направена при последната измена, кога Гордон лошо му ја предаде палката на олимпискиот вицешампион Томпсон, кој потоа не успеа да ја дополни огромната негатива на патеката. Составот на Јамајка на ЛОИ во Париз го сочинуваа Блејк, Вокер, Гордон и Томпсон. Г.И.


ЛОИ 2024 – АТЛЕТИКА

Гркинката Полак суспендирана поради допинг

Грчката атлетичарка Елени-Клаудија Полак беше привремено суспендирана откако падна на допинг-тестот на ЛОИ во Париз. Полак настапи во дисциплината скок со стап во квалификациите, но не успеа да ја прескокне предвидената финална норма од 4,40 метри. Грчката антидопинг-агенција го известила Националниот олимписки комитет за позитивниот допинг-тест, а Полак во вторникот била исфрлена од Олимпиското село – пишува Би-би-си.
Полак се изјаснила за невина и рекла дека никогаш не земала никакви забранети супстанции. Таа само додала дека имала проблеми со железото и дека морала да јаде црвено месо секој ден и смета дека тоа го предизвикало постојниот проблем.
Ова е четврти случај на допинг на ЛОИ во Париз, по ирачкиот џудист Сајад Сехен, авганистанскиот џудист Мохамед Самим Фајзад и нигериската боксерка Синтија Огунсемилор. Г.И.