Фото: Пиксабеј

Истражувањето на американските лекари и научници покажало дека доенчињата и малите деца што се изложени на загаден воздух имаат поголема веројатност да развијат астма.
– Студијата што ја спроведовме покажа дека просечното количество фини честички и просечното загадување на воздухот со азот диоксид во првите три години од животот на децата се поврзани со појавата на астма во раното и средното детство – покажаа резултатите од студијата објавена од Американската медицинска асоцијација (AMA).
Истражувањето на научниците од „Харвард“, училиштето за јавно здравје „Чан“ и на детската болница во Синсинати укажува на тоа дека доенчињата од слоевите на општеството со понизок статус се соочуваат со поголем ризик од развој на оваа болест, што се припишува на намалениот пристап до почист воздух. Бебињата од афроамериканските семејства што живеат во густо населени заедници, кои се карактеризираат со намалени финансиски можности и ресурси, може исто така поверојатно да развијат астма, покажа студијата објавена на крајот на февруари.
Научниците ги повикаа локалните власти да вложат повеќе напори за намалување на загадувањето на воздухот и да создадат поголема еколошка, образовна и здравствена правда на ниво на заедницата. Друга група научници неодамна ја истакнаа поврзаноста помеѓу зголемената антимикробна отпорност и загадувањето на воздухот. Претходните истражувања сугерираат дека на глобално ниво приближно две третини од смртните случаи се поврзани со загадениот воздух во Азија, но нивоата на загаденост на воздухот во Европа и во Северна Америка остануваат над нивоата што се сметаат за релативно нормални.