Илустрација: „Нова Македонија“

Ситуацијата со тужбата на Европската комисија против Бугарија за неспроведување одлуки за усогласување со европското законодавство отвора прашања од типот – дали Македонија како држава има пристап во европските правни институции, како Судот на правдата на Европската Унија, како можност да реагира за прекршувањето на нормите на меѓународното право со невообичаените и нестандардни услови на преговарачката рамка?

Правната непринципиелност на преговарачката рамка и нестандардните услови треба да бидат сериозно разгледани низ диоптрија прифатлива за Брисел

За македонските граѓани тоа е одамна апсолвирана вистина, која по повеќе од три децении независност на државата се живее како хронична состојба, но неодамна, помошник-државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Џејмс О’Брајан, на сослушување за иднината на Европа пред Комитетот за надворешни работи на Сенатот, гласно констатирал дека „Македонија страда поради спорови со нејзините соседи, што е еден од проблемите за пристапување во ЕУ и влијае на менување на условите постојано“. Всушност констатацијата на О’Брајан за „страдањата на Македонија од соседите“ била одговор на прашањето од демократската сенаторка од Њу Хемпшир, Џин Шахин – што можат САД да направат повеќе за да ги охрабрат Европејците да ги исполнат ветувањата за државите од Западен Балкан што ги направиле бараните реформи, без да ги менуваат правилата или условите за нивно придвижување кон ЕУ, како што е случајот со Македонија.
– Главното прашање е договорот што Македонија го има со Бугарија. И штом Бугарија има постабилна влада, ќе треба да има разговори за точниот начин на кој да се имплементира. Значи, тоа ќе биде област каде што очекувам и ние да бидеме многу активни – одговорил О’Брајан.

Македонските граѓани имаат право да поведат постапка пред европските судови

И покрај „непофалното досие“ на Бугарија околу праксата за усогласување на националното законодавство со европското, Европската Унија поради оваа земја членка на своевиден начин влезе во правна авантура, преку конципирање преговарачка рамка за Македонија во која се вградени бугарските услови со кои се прекршуваат нормите и стандардите на меѓународното право. Во т.н. француски предлог, т.е. предложена преговарачка рамка за Македонија, во која како услов за нејзино активирање се наложуваат уставни измени, само за почеток се прекршува принципот на сувереност во меѓународното право, односно немешање во внатрешните работи на суверена земја, како и принципот на реципроцитет: од Македонија се бара инсталирање во Уставот бугарско малцинство, додека од Бугарија не се бара ни спроведување на пресудите за правата на македонското малцинство од Европскиот суд за човекови права. Но ситуацијата со тужбата на Европската комисија против Бугарија за неспроведување одлуки за усогласување со европското законодавство отвора прашања од видот – дали Македонија како држава има пристап во европските правни институции, како Судот на правдата на Европската Унија, како можност да реагира за прекршувањето на нормите на меѓународното право со невообичаените и нестандардни услови на преговарачката рамка?
– Моето ограничено познавање на работата на Европскиот суд на правдата (ЕСП) и случаите што се поведуваат пред него ми кажува дека земји надвор од ЕУ не би можеле да поведат постапка против земја членка. Но граѓаните на земји што не се членки на ЕУ во одредени околности можат да го сторат тоа. Според Повелбата на ЕУ, овие граѓани можат да ги остварат повеќето од основните права наведени во Повелбата на ЕУ, доколку наводното прекршување ѝ се припишува на ЕУ или на земја членка на ЕУ при спроведувањето на правото на ЕУ.

Додека и понатаму е апсурдна и ноторна ситуацијата во која Бугарија 20 години не ги почитува и не ги исполнува пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур поврзани со правата на здружување на македонското малцинство во таа земја, Европската комисија (ЕК) сепак реши да ја тужи својата земја членка Бугарија поради неспроведување препорака за усогласување национален закон што е спротивен на европското законодавство…

Според актите на ЕУ, приватните лица можат да побараат од ЕСП да го поништи актот на ЕУ што директно ги засега нив. Исто така поради непостапување, граѓани што не се ЕУ-државјани можат да поднесат случај доколку владите на ЕУ, другите институции на ЕУ или поединци или компании веруваат дека ЕУ или нејзиниот персонал не постапиле според законите на ЕУ и со тоа ги оштетиле нив лично – вели Ида Мантон, експертка за меѓународни преговори и медијација.
Имајќи ја предвид можноста за граѓанска реакција и поведување постапка пред европските судови за правната непринципиелност на предложената преговарачка рамка за Македонија, Мантон препорачува таквата опција да биде сериозно разгледана од правен тим, од сите аспекти.
– Но прашањето е дали ние како држава можеме да ја тужиме ЕУ за францускиот договор, прашање што, како што сум рекла и неколкупати порано, треба да го анализираат тим правници, експерти на меѓународни односи, цел еден кат од кадар, кој ние, за жал, низ целиот овој период на соседски сопки не го изградивме. И да можеме правно, треба да се запрашаме што би ни донел исходот од тој процес, особено ако на нашите соседи им се дозволува да се мајтапат со меѓународното право како што Грција правеше речиси 30 години, а особено со пресудата од Меѓународниот суд на правдата, процес што ние го добивме. Но што добиваме со тоа ако пресудите се третираат како изборни предмети на факултет? – реторички прашува професорката Ида Мантон.

Станува ли свесна меѓународната заедница за непочитувањето на утврдените европски стандарди од страна на Бугарија?

Не може да се каже дека Бугарија како членка на ЕУ ги има постигнато стандардите на вредностите на Унијата. За тоа се свесни и во Брисел, но сепак не ја исклучуваат привилегијата на Бугарија, во контекст на консензуалноста при носење одлуки за проширувањето, да поставува услови на земјите кандидати, како на Македонија, со отворено значење на непринципиелна уцена. Додека и понатаму е апсурдна и ноторна ситуацијата во која Бугарија 20 години не ги почитува и не ги исполнува пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, поврзани со правата на здружување на македонското малцинство во таа земја, Европската комисија сепак реши да ја тужи својата земја членка Бугарија поради неспроведување препорака за усогласување национален закон што е спротивен на европското законодавство.
Конкретно, Европската комисија неодамна објави дека одлучила да поднесе тужба против Бугарија пред Судот на правдата на Европската Унија поради бугарскиот закон за социјални услуги, кој одредува максимално времетраење од шест месеци за обезбедување привремени социјални услуги.
– Бугарскиот закон за социјални услуги е во спротивност со европското законодавство. Земјите од ЕУ не можат да постават максимален временски рок за привремени услуги. Концептот на привремено давање услуги се заснова на неколку различни индикатори, како што се времетраењето, редовноста, периодичноста или континуитетот на услугите. Државите не можат да бараат од економските оператори да основаат деловно место на нивната територија заради услуги – се наведува во соопштението на Европската комисија.
Во јули 2019 година, ЕК прво испратила официјално писмо за известување, проследено со образложено мислење во јули 2020 година. Бугарија го призна прекршувањето во 2020 година, но не презеде ништо за да се усогласи. Бидејќи Бугарија и понатаму ги прекршува правилата на ЕУ, Комисијата одлучи да го поднесе предметот до Судот на правдата на ЕУ.


Делењето бугарски пасоши може да ѝ се удри од глава на Бугарија

Експанзионистичката политика на Бугарија за креирање вештачко „бугарско малцинство“ во регионот преку делење бугарски (практично) европски пасоши и притисокот да ги инсталира во македонскиот устав како Бугари оние македонски граѓани на кои им доделила пасоши откако е членка на ЕУ има потенцијал за непријатен пресврт.
– Иако пред европските правни институции имаат право на жалби и поплаки и граѓани на земји што не се членки на ЕУ, сепак граѓаните на ЕУ имаат „попривилегиран“ третман. Па така, и оние Македонци со двојно државјанство, кои имаат бугарски пасоши, се практично граѓани на ЕУ со тој пасош, па би можеле да ја тужат Бугарија пред европските судови за нарушени права. Во одреден миг, делењето пасоши на Бугарија во нејзиното соседство, сепак може да ѝ се удри од глава. Но тоа ќе биде во некоја иднина, во која толкувањето на реалноста ќе зависи од резултатот на судирот меѓу двете противтежи што полека се движи кон кулминација, бидејќи сѐ уште живееме во свет на урнисани правила, принципи и испреговарани норми – вели Ида Мантон.