Фото: M.pvsk

Костоперска Карпа е импозантна базалтова карпа од вулканско потекло во околината на Младо Нагоричане, Кумановско, на која постоела населба уште од бакарното време (4-3 милениум пред нашата ера). Сместена е на самата висорамнина на карпата, на девет километри источно од Куманово во областа Жеглигово. Во минатото тука постоеле околу 40 цркви, од кои денес се останати неколку. Поради тоа месноста била нарекувана Мала Света Гора

Знаменитостите на Македонија

На самата Костоперска Карпа се наоѓа истоименото археолошко наоѓалиште. Според археолошките истражувања, тука имало бакарновременска населба што дала богат археолошки материјал, особено керамика што изобилува со прекрасни садови (особено ефектни се оние во графитна техника и со геометриски мотиви), како и ситна пластика, орудија и слично. Во раноантичкиот период (5-6 век пред нашата ера) се развива населба на јужната падина на наоѓалиштето, која била напуштена во 3 век пред нашата ера, за повторно да заживее во римскиот период. Како доказ се откриените римски гробови, а и малку подоцнежната ранохристијанска базилика на врвот на висорамнинката, веројатно од 5 век од нашата ера. Интересен е и подземниот објект во јужното подножје идентификуван како цистерна составен од две простории и пристапен ходник. Од некогашните средновековни цркви во близината на карпата (околу четириесетина), денес постојат „Св. Врачи“, „Св. Никола“ (во темели) и како особено важни за науката, црквите „Св. Ѓорѓи Победоносец“ и „Св. Петка“ од поствизантискиот период.
Археолошко наоѓалиште на повеќеслојна населба се наоѓа на девет километри североисточно од Куманово, од левата страна на патот Куманово – Крива Паланка. Во археолошката литература е познато уште и како Св. Петка. Претставува висок рид од базалтова карпа со необичен облик што доминира над околниот терен. Во 1983 година со мали заштитни ископувања се откриени и истражени шест гробни целости од првата половина на 4 век пред нашата ера. Врз основа на овие податоци, а со цел да се приберат покомплетни стратиграфски податоци во 1987 година се вршени нови ископувања. Резултатите од севкупните работи покажале дека се работи за голема населба со широк хронолошки и културен континуитет. Најдолго населување е присутно на највисокиот дел на карпата – акрополот, односно висорамнинката, што на извесен начин била природно заштитено. Културните слоеви достигнуваат дебелина од преку два метра. Најстарите остатоци потекнуваат од бакарното време. Најмногубројни се фрагментите од керамички садови, квалитетно изработени, а има и алатки од камен и коска. На јужниот крај на терасата се откриени делови од садови со фактура и орнаментика карактеристични за железното време II. Сондирањата и деталната опсервација покажале дека на акрополот има керамички остатоци од 4 до 3 век пред н.е., кои по орнаментиката и формите претставуваат копии на хеленистичката керамика. Најмногубројни се остатоците од доцноантичкото време (4-6 век).

Фото – Рашо мк

Заедно со фрагментите од садови и градежна керамика во централниот простор се откриени и остатоци на темели од објект со апсида (можеби базилика), како и остатоци од бедем. Околу овој објект се истражувани седум средновековни гроба. Културната хронологија на Костоперска Карпа завршува со времето на турското владеење, претставено преку фрагменти од жолто и зелено глеѓосани керамички садови. Керамички наоди од античкиот, а особено од доцноантичкото време се пронајдени и на терасите во подножјето на карпата на простор од околу девет хектара. Посебно археолошко откритие претставува подземниот објект издлабен во јужниот дел на карпата. Се работи за објект со архитектонски ансамбл од една главна просторија со испусти што потсетуваат на клупи, неколку ходници, два резервоара, обезбеден со вертикални отвори за проветрување, кој според големиот број керамички наоди е датиран во 5-6 век. На еден километар западно од наоѓалиштето е откриена некропола од која се истражувани повеќе гробови и според наодите датираат меѓу 4 и 6 век. Д.Ст.


Фото: Dandarmkd мк

Средновековна кула во селото Манастирец

Средновековна кула е кула од камен што се наоѓа во источниот дел на кавадаречкото село Манастирец, Општина Росоман. Кулата е заведена како културно наследство на Македонија. Таа се наоѓа во источниот дел на селото, во некогашниот беговски чифлиг. Времето кога била подигната не е познато, но од нејзината конструкција се гледа дека служела за одбрана. Кулата била градена од камен и малтер. Во 1970-тите, таа била висока 20 метри и била со куполест покрив. Од 2022 година, кулата е без покрив и е висока седум-осум метри. Д.Ст.