ФОРМУЛА 1

Во првите 12 трки сезонава имаше шест победници, најмногу во иста временска рамка од 2012 година, кога седум возачи триумфираа на првите дузина трки, пишува „Скај спорт“

По напорниот дел од сезоната со три трки по ред, Формула 1 сега се упатува кон патеката Хунгароринг, за неделната трка за големата награда на Унгарија, пишува Формула 1. Првите два тренинга на програмата беа вчера, денеска се завршните тренинзи и квалификациите, а трката е утре, од 15 часот.

Првата гранпри-трка на оваа патека е одржана во 1986 година, а досега најмногу пол-позиции и победи има Луис Хамилтон (девет, односно осум), кој го извозе и најбрзиот круг, во 2020 година. На оваа трка, чија патека е долга 4,381 км, остварени се неколку први победи на возачите во Формула 1, вклучувајќи ги Естебан Окон во 2021 година, Џенсон Батон во 2006 година и Фернандо Алонсо во 2003 година, пишува Формула 1.

Во првите 12 трки сезонава имаше шест победници, и тоа Макс Ферстапен, Карлос Саинц Јуниор, Ландо Норис, Шарл Леклер, Џорџ Расел и Хамилтон. Тоа е најмногу во иста временска рамка од 2012 година, кога седум возачи победија на првите дузина трки, а единствениот друг пат со седум победници во воведните 12 рунди досега овој век беше во 2003 година, пишува „Скај спорт“.

Сезонава ќе има вкупно 24 трки. Во пресрет на утрешната трка води светскиот шампион Ферстапен со 255 бода, а потоа се Норис со 171, Леклер со 150, Саинц со 146, Оскар Пијастри со 124 бода итн. Н.М.