Илустрација: „Нова Македонија“

Кога не може Европа, Македонија самата сака да се заштити од бугарското лицемерство

Очигледно се работи за класично бугарско лицемерство што се продава пред европските челници, од една страна се покажува лице што се бори за заштита на бугарското малцинство во Македонија, кое со ништо не е загрозено и нема ниту една поплака пред кое било меѓународно тело, а од друга страна се покажува другото бугарско лице на целосно игнорирање на европската легислатива кога официјална Софија треба да направи нешто за малцинствата на своја територија. Овие две лица на Бугарија постојано се присутни, па затоа Македонија сака самата да си обезбеди некаква гаранција кога Европа не го прави тоа.

Постојаниот притисок од страна на официјален Брисел за уставни промени во Македонија како главен услов земјата да почне да отвора преговарачки поглавја создава ново чувство на изневереност кај македонските граѓани по горчливото искуство што го имаа со промената на името, кога наместо преговори, добија нова блокада, иако им беше ветувано спротивното.

Сега се случува идентична ситуација, ЕУ тврди дека уставните измени се единствен услов за продолжување на преговарачкиот процес, но официјална Софија во исто време не го дели тоа мислење, туку, според зборовите на бугарскиот претседател Румен Радев, уставните измени се само првиот чекор, по што ќе треба да бидат задоволени и други бугарски барања.

Поаѓајќи од демократскиот капацитет на македонското општество, внесувањето на Бугарите во македонскиот устав не е никаков проблем, но сериозен проблем е преговарачката агонија што официјална Софија отворено ја најавува доколку не бидат исполнети сите точки од декларацијата усвоена во бугарското Народно собрание, а која сега е дел од преговарачката рамка. Ново разочарување и нова блокада ќе бидат целосно погубни за втората стратегиска определба на земјава, членството во ЕУ, под услови што се надвор од претходно востановените Копенхашки критериуми.

Уставни измени со одложено дејство е фер пристап

За да не се случи нов дебакл што целосно ќе го деморализира македонското општество, новата влада е на ставот дека се потребни цврсти гаранции со кои Бугарија ќе биде оневозможена да блокира, а уставните измени да останат единствен услов што земјава ќе го испорача на патот кон ЕУ, паралелно со исполнувањето на другите европски критериуми.

Македонија мора да си обезбеди позиции во кои нема да биде повторно изиграна – Фото: „Нова Македонија“

Премиерот Христијан Мицкоски неодамна го повтори ваквиот став, уставни измени што ќе стапат во сила пред самиот влез на земјава во ЕУ. Премиерот кажа дека македонската власт е подготвена уште сега во парламентот да ги усвои уставните измени за внесување на Бугарите во преамбулата, но тие уставни измени да бидат ефективни кога земјата ќе ги заврши преговорите и кога пристапниот протокол ќе биде ратификуван од парламентите на сите 27 земји членки на ЕУ, бидејќи, во спротивно, не може да верува дека внесувањето на Бугарите во Уставот ќе биде последниот услов за нас.
– И кое е решението? Ние кажавме, и напишавме во нашата изборна програма, дека сме подготвени да ги усвоиме уставните измени во парламентот сега. Но тие да станат ефективни кога ќе ги завршиме преговорите и кога пристапниот протокол ќе биде ратификуван од парламентите на сите 27 земји членки. Бидејќи, извинете, ние сме биле предадени премногу пати во минатото. И, за жал, не можам да верувам дека ова ќе биде последниот услов што вештачки ни се наметнува. Сите тие гласови ми велат, види Христијан, ние гарантираме дека ова е последното. Јас им велам, видете, ок, јас верувам. Му верувам на Брисел, му верувам на Берлин, му верувам на Рим. Но знам кому не можам да му верувам. Затоа, ве молам обидете се да ме уверите со тоа што првин ќе ги убедите властите кај нашиот источен сосед да имплементира барем три решенија што доаѓаат од судот во Стразбур – истакна Мицкоски, одговарајќи на прашањето која е неговата стратегија земјата да ги почне преговорите со ЕУ, на настан во Универзитетот „Џонс Хопкинс“ во Балтимор, САД.

Според Мицкоски, никој не се спротивставува во преамбулата да бидат ставени „неколку стотици наши сограѓани што тврдат дека се дел од бугарската заедница во земјата“, но додава дека нема одговор на прашањето дали тоа ќе биде последното барање.
– Ние ќе можеме да ги почнеме преговорите ако ставиме во нашата преамбула неколку стотици наши сограѓани што тврдат дека се дел од бугарската заедница во земјата. И тоа е ок. Никој не се спротивставува. Но дали ова е последното барање, кој може да гарантира дека ова е последното? Ок, ние немаме одговор на тоа прашање. Да видиме дали има потреба од таков чекор. Дали нечии човекови права се нарушени, тоа може да биде спорно. Која институција во Европа е надлежна да суди дали нечии човекови права се нарушени? Ние зборуваме за Европскиот суд за човекови права и слободи во Стразбур. Да го видиме резултатот. Ние имаме 14 пресуди од судот во Стразбур што велат дека човековите права на македонската заедница во Бугарија се нарушени или ограничени и нула за бугарската заедница во мојата земја, 14 наспрема 0. Тогаш, имате логично прашање, чии права можат да бидат нарушени и зошто има потреба од таков чекор – праша Мицкоски.

Никој не дава гаранции ако самите не си ги обезбедиме

Несомнено внесувањето на Бугарите во Уставот нема да биде последен бугарски услов бидејќи тоа експлицитно го потврди и официјална Софија, но клучната дилема што се наметнува е зошто на сето ова не реагира Брисел, кој од една страна вели дека нема да има други услови и ја притиска сѐ посилно земјава што поскоро да направи промена на Уставот, а од друга страна не ги коментира бугарските изјави.

Истата таа ЕУ со месеци се колнеше дека промената на името е последниот услов Македонија да ги започне преговорите, но кога се случи тоа, Европа целосно ретерираше од ваквите позиции и наметна нови блокади. Тоа остави длабока трага на недоверба кај македонските граѓани, па затоа сега тие бараат да бидат сигурни дека утре нема повторно да бидат изманипулирани и оваа нова отстапка што се бара од македонска страна да биде ефектуирана пред приемот на земјава во ЕУ.

Се работи за прагматична одлука во која нема да има нови разочарувања, а во меѓувреме Брисел може да го преиспита бугарското однесување кон европските правосудни тела и да ги праша бугарските власти зошто ги игнорираат пресудите на Европскиот суд за човекови права во полза на македонското малцинство.

Очигледно се работи за класично бугарско лицемерство што се продава пред европските челници, од една страна се покажува лице што се бори за заштита на бугарското малцинство во Македонија, кое со ништо не е загрозено и нема ниту една поплака пред кое било меѓународно тело, а од друга страна се покажува другото бугарско лице на целосно игнорирање на европската легислатива кога официјална Софија треба да направи нешто за малцинствата на своја територија.

Овие две лица на Бугарија постојано се присутни, па затоа Македонија сака самата да си обезбеди некаква гаранција кога Европа не го прави тоа.
– Добро е што Македонија веќе го дигна гласот и почна да прашува какви се тоа ЕУ-вредности и дали функционираат тие вредности воопшто. Македонија треба да покаже дигнитет и да биде вистински партнер со ЕУ, а не слеп послушник на погубни и понижувачки политики. Сметам дека со изборите во САД и новиот претседател, а и со новите текови во ЕУ, драстично ќе се промени политика кон Македонија и повеќе нема да има небулозни барања од кого било – вели политичкиот аналитичар Синиша Пекевски.

Според него, крајно време е да се покажат став и почит бидејќи се менуваат времињата и околностите.

И другите соговорници се согласуваат дека времето на празни ветувања помина и дека Македонија мора самата да работи за да си обезбеди позиции во кои нема да биде повторно изиграна.
– Кога други ги диктираат условите, ние губиме. Крајно време и ние да поставиме наши услови, па да се најдеме некаде на средина. Уставни измени со одложено дејство се фер пристап и против такво нешто би бил само некој што сака да испорача нови услови за време на преговорите. Бугарија во ниту еден момент не остави простор за доверба, така што со право нашите политичари очекуваат нови опструкции и сакаат да ги заштитат државата и граѓаните од нови разочарувања. Европа не треба да има никаков проблем со тоа и треба да ја притисне и Бугарија да прифати такво решение со оглед на фактот дека сите граѓани во Македонија ги уживаат највисоките права, вклучувајќи ги и оние од малцинските заедници, така што неколку дополнителни години нема да бидат никаков проблем. Од друга страна, тоа не е случај со Бугарија, која одбива да спроведе 14 пресуди на Судот за човекови права токму поради прекршување на малцинските права на Македонците во оваа држава. Еве, може и таа со некое одложено дејство да ги спроведе овие пресуди, прво една, па по година-две уште три пресуди, па по две-три години уште неколку, така што ќе има некаков сооднос на реципроцитет, а не само од Македонија да се бараат некакви отстапки – заклучуваат соговорниците.