Модриот патлиџан е нискокалоричен зеленчук, кој има исклучително здрави хранливи карактеристики. Содржи многу малку калории и масти и е богат со растворливи растителни влакна. Во 100 грама има само 24 калории, но приближно 9 проценти од дневните потреби за растителни влакна.
Научните истражувања на Институтот за биологија на Државниот универзитет на Сао Паоло, Бразил, покажале дека модриот патлиџан е доста ефективен во третманот на високите нивоа на холестерол во крвта.
Модриот патлиџан содржи солидни количества од повеќе есенцијални групи витамини од Б-комплексот, како што се: пантотенска киселина (витамин Б5), пиридоксин (витамин Б6), тијамин (витамин Б1) и нијацин (витамин Б3). Овие витамини се клучни во смисла на тоа што телото мора да ги добие од надворешни извори и се неопходни за метаболизацијата на масти, протеини и јаглехидрати.
Тој исто така е одличен извор на минерали, како што се: манган, бакар, железо и калиум. Манганот се користи како кофактор за антиоксидантскиот ензим супероксид дисмутас. Калиумот е важен внатреклеточен електролит, кој помага во поништување на ефектите на натриумот поврзани со хипертензијата.
Лушпата (од темносина до виолетова) на модрите патлиџани содржи значителни количества од фенолофлавоидните фитохемикалии наречени антоцијанини. Научните истражувања покажаа дека овие антиоксиданти имаат потенцијални здравствени ефекти во заштитата од ракот, стареењето, воспаленија и невролошки заболувања.
Свежите модри патлиџани ги има во продавниците во текот на целата година. Ќе ги најдете во повеќе видови, во најразлични големини, форми и бои. Одберете ги оние што се цврсти, изгледаат здраво и имаат сјајна боја, а кога ќе ги земете в рака се чинат тешки. Погледнете ги лисјата. Доколку се дебели, цврсти и зелени, тогаш и плодовите се свежи.
Избегнувајте ги модрите патлиџани со набори на лушпата, но и оние што се меки и имаат засеци или пукнатини. Старите и меки модри патлиџани имаат горчлив вкус. Во домот можат да се чуваат на студено место ден-два, но идеално, треба да се чуваат во фрижидер, каде што можат да останат свежи неколку дена.
Вкусна салата
Состојки:
4 модри патлиџани
4 лажици маслиново масло
1 лажица мелен црн пипер
2 лажици шеќер
4 чешниња лук
1 кг домати
1 лимон
2 лажици сол
2 л вода
1 лажица зачин
Подготовка: ставете ја водата во широк сад, додајте сок од лимон, а потоа зовријте. Патлиџаните исечкајте ги на плочки и ставете ги да се готват додека не омекнат, а потоа исцедете ги. Доматите измијте ги, излупете ги, исчистете ги од семките и исечкајте ги на коцки.
На маслиново масло кратко пропржете ги доматите, додајте зачин, црн пипер, шеќер и лук. Додајте ги исцедените патлиџани и гответе поклопено уште 10 минути.