Претпазливоста и знаењето го чуваат домашниот буџет
Купувањето со платежна картичка преку интернет не е нешто ново. Но сведоци сме дека купувањето на тој начин сѐ повеќе добива на популарност кај граѓаните а со тоа и на обем, па оние што се приклучуваат како нови корисници на таквиот вид пазарења не се докрај свесни за можните стапици што ги демнат при вршењето на ваквите трансакции.
Новоприклучените на системот на онлајн купување станаа примарна цел на криминалците
Напредните и поискусни интернет-корисници знаат за постоењето на различни механизми за заштита и ги користат. Но слабата алка во целиот тој систем се „новопечените“ онлајн купувачи на разни производи за широка потрошувачка, на кои овој вид трансакции им се новост. Токму тие се големата група граѓани што „паѓаат на испитот“ и непретпазливо дозволуваат да наседнат на стапиците поставени од сѐ поголем број финансиски предатори што им го олеснуваат контото на картичките.
Меѓутоа, во тој контекст, некои банки, според зборовите на наши соговорници, се за пофалба што изградија механизам да го заштитат својот клиент (корисникот на платежната картичка), така што по завршувањето на трансакцијата, банката бара од него да ја внесе еднократната шифра што му ја испраќа по СМС.
Деновиве повторно во медиумите имаме примери на граѓани што имале непријатни искуства при плаќањето на интернет бидејќи нивните картички биле злоупотребени. Ова е најчестиот проблем со кој се соочуваат сопствениците на картички, особено ако купуваат преку непроверени сајтови, што станува сѐ поризично.
Како банките направија систем за заштита на своите клиенти купувачи преку интернет
– Нарачав гардероба преку странска веб-страница и веќе следниот ден ме контактираа од банката и ме прашаа дали сум го иницирал плаќањето во Шпанија. Не знаев каде се наоѓа продавачот, па го побарав во банката бројот на трансакцијата и излезе дека станува збор за мојата нарачана гардероба. Изгледа банката реагираше затоа што не е вообичаено да плаќам преку интернет, па таа реагираше иако стануваше збор за не многу висока сума – вели еден наш читател.
Нашите соговорници, кои имаат долгогодишно искуство со вакви плаќања и онлајн купување, потенцираат дека при користењето платежни картички на интернет треба само да се почитуваат препораките на банките што создадоа добри системи за заштита. Во спротивно, дури и ако се прибегне кон купување преку нерегистрирани сајтови, злоупотребите се неизбежни. Нашите соговорници инсистираат да се истакне за читателите на „Нова Македонија“ дека пред да се користи картичката онлајн, корисникот треба да се запознае со основните правила.
– Постојат механизми за онлајн купување што имаат двојно овластување. Тоа е случај кога нешто нарачуваме, па тој сајт т.е. продавачот испраќа барање за плаќање до банката, а банката бара корисникот повторно да ја внесе шифрата. Станува збор за еднократна лозинка, која пристигнува преку порака на телефон и технички спречува некој да ја злоупотреби – нагласуваат тие.
Според нив, во овој случај корисникот е заштитен од измама, што не е случај кога податоците ги остава во т.н. онлајн продавница или на друго место, и веројатноста оставените податоци да се злоупотребат енормно се зголемува.
– Најважното нешто што треба да нѐ интересира е дали продавницата во која пазаруваме е валидна. Ако ги погледнеме продавачите, кои, на пример, имаат ПОС-терминал за плаќање, јасно е дека во тој случај лесно се доаѓа до евиденција за трансакции. Постапката за добивање ПОС-терминал е многу ригидна и таквиот продавач е регистриран. Исто така, некој што продава производ онлајн има доцнење во плаќањето од два дена, што е доволно банката на крајот да реагира – објаснуваат нашите соговорници.
Тие потсетуваат дека во последно време има повеќе измами преку СМС во кои се бара од граѓаните да платат за „да не им се врати пакетот што го нарачале“. Тоа се лажни поштенски пратки и многумина ги платиле овие суми мислејќи дека навистина им треба нешто за да стигнат до нив.
Совети за самозаштита за граѓаните
Еден од добрите совети за граѓаните, според нашите соговорници, е да се извади картичка што се користи само за онлајн плаќања и која е одвоена од тековната сметка на клиентот! Во тој случај сопственикот на картичката ја префрла само потребната сума од тековната сметка на интернет-картичката и ја користи за плаќање, без страв дека неовластено ќе биде земена некоја дополнителна сума на пари од неа или дека податоците од картичката ќе бидат украдени и злоупотребени.
Совет до граѓаните при плаќање со картичка преку интернет е исто така да користат само проверени веб-страници и да вршат трансакции од проверени уреди (компјутери и мобилни телефони за кои се сигурни дека не се загрозени на никаков начин).
Платежната картичка секогаш треба да ја поседува само сопственикот, да не се пренесува, позајмува или дава на други лица на користење.
Никогаш не треба да фотографирате картички и да испраќате информации преку Вибер, Ватсап или некои други социјални мрежи.
Никогаш не треба да ги споделувате вашиот ПИН, еднократната лозинка за онлајн плаќање (OTP) и CVV бројот (број на задната страна на картичката) со други луѓе, препорачуваат нашите соговорници, во интерес на финансиската безбедност на граѓаните.
Р.Х.