На единствениот повикувачки број 112 во Центарот за управување со кризи пријавени се штети од невреме кое попладнево го зафати Тетовскиот регион, каде од 17 часот и 30 минути врне обилен пороен дожд, проследен со грмежи, засилен ветер и локална појава на град.
– Добиена е пријава на 112 во ЦУК дека во повеќе дворови на ул. „Иво Лола Рибар“ во Тетово има влезено вода од улицата после обилните дождови. Има материјална штета. Добиено е известување за излевање на водата од канализацијата на ул. „169“ во Тетово. Водата што се излева од канализација навлегува во дворовите на жителите во ова подрачје и претставува опасност за поплавување на нивните семејни домови. Добиена е информација на 112 во ЦУК за поплавени подруми од семејни куќи на ул. „172“ во правец кон Сточниот пазар во Тетово – информираат од ЦУК.
Вработен во ресторанот „Шари“ во Лисец (Општина Тетово) на 112 во ЦУК пријавил дека од невремето се оштетени повеќе возила паркирани на паркинг пред угостителскиот објект. – Се очекува увид од надлежните служби, велат од ЦУК.
Од Управата за хидрометереолошки работи информираат дека Полошкиот регион е зафатен од нестабилна воздушна маса проследена со обилен пороен дожд, грмежи, засилен ветер и локална појава на дожд и град („суградица“).
Од Радарскиот центар „Ѓуриште“ телефонски известиле во ЦУК дека невреме има во Гостиварско и во Кумановско и дека нестабилната облачна маса се движи кон Србија.