Европската Унија (ЕУ) е подготвена за посилна интеграција и засилена поддршка на партнерите од Западниот Балкан, но очекува од нив да застанат зад Унијата во одбрана на меѓународниот поредок, особено во врска со Украина и во однос на мерките преземени кон Русија поради војната, порача вечерва високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел, по завршувањето на денешниот Совет за надворешни работи (ГАК) во Луксембург.
– Усогласувањето на земјите од Западниот Балкан со нашата заедничка надворешна и безбедносна политика го сметаме за стратешки избор и за посветеност на членството – истакна Борел.
Според него, одржувањето блиски врски со режимот на рускиот претседател Владимир Путин, не е во согласност со заложбите за изградбата на заедничка иднина во ЕУ.
Тој информира дека на состанокот се говорело и за поддршката на Украина, за најновиот развој на настаните на Блискиот Исток, за случувањата во Грузија и за соработка со Регионот на Големите езера во Африка.