Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека Русија ќе одговори на потенцијалната забрана на руските дипломати да се движат слободно во ЕУ.
Захарова ова го изјави како одговор на новинарско прашање за повикот на осуммина министри за надворешни работи на ЕУ да им забранат на руските дипломати слободно да се движат низ европскиот блок и да го ограничат нивното движење само во земјите каде што се акредитирани, пренесе „Тајнуг“.
– Доколку се усвојат такви ограничувања против руските дипломати, дали ќе воведеме контрамерки? Да. Русија ќе преземе соодветни мерки – рече Захарова, а беше пренесено на веб-страницата на руското Министерство.
Таа додаде дека земјите од ЕУ мора да знаат дека таквиот потег првенствено ќе влијае на нивните дипломати бидејќи Русија ќе одговори на тие мерки.
– Зборуваме за прогон на руските дипломати бидејќи болеста што го погодува „колективниот Запад“, особено Европа, е русофобија и маниачна желба да ни се нанесе стратешки пораз – додаде Захарова.
Осум министри за надворешни работи на Европската унија во вторникот ја повикаа ЕУ да им забрани на руските дипломати слободно да се движат низ европскиот блок и да го ограничи нивното движење само во земјите каде што се акредитирани.
– Слободното движење низ Шенген зоната на имателите на руски дипломатски пасоши, акредитирани во една земја домаќин, ги олеснува злонамерните активности – се наведува во писмото упатено до високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.
Писмото испратено на 11 јуни го потпишаа министрите на Чешка, Данска, Естонија, Летонија, Литванија, Холандија, Полска и Романија.