Кон „Кавалот во Македонија“ на Драган Даутовски, издание на „Матица“ Скопје, 2024 г.

Рецензија

Пред неколку години Драган Даутовски ја објави неговата книга „Тамбурата во Македонија“, а сега еве го на таа антрополошка и етномузиколошка тема и со книга за кавалот, кој според својата историја и звучни карактеристики слободно можеме да го дефинираме како звучен архетип на македонската душа. Имено, неговиот звук уште од архаични времиња на магиската култура најмногу ја освоил и се вглобил во неа, а со тоа и во генската структура на македонската колективна психа.
Сето тоа како длабинско спознание и претпоставувало силен поттик за Даутовски да се зафати со подготвување цела една обемна (околу 240 стр.) специјалистичка студија за овој раритетен архаичен инструмент, кој ги преживеал столетијата и стигнал во наше време. А тоа го прави, се разбира, човек што е беспрекорен маг на кавалот, како и на другите народни инструменти, гајдата и тамбурата во прв ред. Тој ги знае сите нивни скриени тајни. Ги знае генезата на нивниот звук и нивните еволутивни патишта на обликот и мелодијата од исконот до денес. Но тој како уметник, свирач, не се задоволил само со освојувањето со вродената од Господ дарба на нивната звучна магија, туку повтел и научнометодолошки со строга научна акрибија да ја објасни неа. Како со тамбурата, сега и со кавалот Драган Даутовски тоа го прави и од педагошки императив, но со истражувачка страст и како професор по инструментите кавал, гајда и тамбура на Факултетот за музичка уметност во Скопје од 1995 наваму. Оттогаш тој константно работи на научнометодолошко растајнување на народните инструменти што ги предава, на нивната сложена звучна душа, а и пошироко на опстојувањето на тој феномен со архаична генеза во модерното време. Даутовски сериозно се зафатил прецизно да ги истражи, објасни и дефинира тонско-хроматските мелодиски решенија и структури, а сè со цел не да ги разголи и обесвети инструментите што ги опсервира со картезијанско око, туку истите тие да им ги претстави на своите студенти, но и на сите други постудиозни љубопитници, со нивната интегрална магиска, практична и функционална слика. Колку, пак, сето тоа професорот и уметник Даутовски го работи посветено како синтеза на талентот, страста и научната музиколошка акрибија се гледа и од неговата фасцинантна мисија за новата ренесанса на автентичната народна музика со нејзиниот раскошен инструментариум и нејзино изведување на големата сцена на нашиот музички и духовен живот. Тој е личноста што ја направи таа ренесанса, секако надоврзувајќи се пред тоа на темелот што го подготвија за музичка зграда нашите композитори од првата и втората генерација, кои за многу од своите композиции, имено, го најдоа тајното злато токму во фолклорот, како музички, така и литературен. Даутовски ја избриша прашината од кичот на разните фолк-фестивали што го задушуваше генеричкиот магичен звук на народните инструменти. Неоспорно е дека негова заслуга е и потиснување од големата музичка сцена, на пред тоа до невкус во рококо-стил, хармониката и кларинетот. Се разбира, во корист на мелодиозната магија на народните инструменти. Така народните инструменти го освоија со својот изворен музички сјај повторно внатрешното орфејско уво на Македонецот и на неговата колективна психа, која повторно се напојува од струјата на нејзиниот архетипски звучен идиом.

И во таа нова музичка ренесанса со убав романтичарски елан витал кавалот според многу нешта има средишна улога; во прв ред и според генезата како најстар инструмент во многуте негови звучни и формални (материјални) варијанти и варијации во семејството на флејтата. Археолошките наоди генезата на големата звучна мајка флејтата, чиј чедо е кавалот, ја лоцираат некаде во неолитот од 6 до 8 илјади години пр. н.е., кога во локалитетот Чашка близу Велес е пронајдена малата глинена окарина, која звучно, а потоа и теориски кај нас ја промовира имено Драган Даутовски. Што се однесува, пак, на кавалот, колку што му е познато на авторот на овој текст, тој е посебна, речиси вродена страст на Даутовски, како што му беше тоа лирата на Орфеј. Таа страст е поврзана со неговото детство во родната Малешевија, кога питомите падини и ридови на Малешевските Планини беа полни со овчи стада напасувани од звукот на кавалската езгија, слободна музичка импровизација што во еден култивиран вид ја среќаваме како тема и во европскиот музички импресионизам. Не само кај Клод Дебиси. А езгијата им е позната и на Индусите, кај кои Кришна ги напасувал на пасиштата покрај Ганг и во ведите своите свети крави од чие млеко веројатно вкусил кога стасал во Индија и нашиот Александар.
Така, слушајќи ги како босоного орфејско дете, кавалџиските езгии на малешевските овчари го потсилиле кај Драган Даутовски вродениот нагон за изворната архаична музичка убавина на народните инструменти. Сега тој како професор музички уметник, тој нагон, таа страст ја буди и кај своите студенти. Но исто така нив ги воведува и во полето на конкретната специјалистичка етномузиколошка наука за народните инструменти. Во неговата нова книга, од нив, тоа е кавалот. Имено, од таа причина имаме впечаток дека во оваа книга од разбирливи и педагошко-методолошки причини доминира сциентистичкиот логос пред онтолошката тајна на предметот и феноменот што се истражува како содржина. Тоа е нешто како она што го вели Лорка за поетот во есејот на Гонгора, дека тој за да биде комплетен во својата уметност треба во едното око да има микроскоп, а во другото телескоп. Тоа важи во конкретниот пример и за Драган Даутовски како музички поет, кој како и Лорка ги поседува и микроскопот и телескопот како духовни инструменти. Во неговата книга за кавалот, пак, макар благо, поради педагошкиот и сциентистички пристап, доминира микроскопот, микроанализата во научнометодолошкото растајнување на инструментот. Таа сциентистичка микроанализа е присутна, изразена со еден прецизен категоријален поимски јазик во научнометодолошките музички поглавја во книгата на Даутовски, кои ја објаснуваат материјалната и функционалната еволуција на инструментот.

Секако, таквиот научен позитивизам го диктирал во добра мера и педагошкиот императив за книгата за кавалот на Даутовски. Токму затоа во неа внимателно е употребен покрај микроскопот и телескопот на духовната опсервација на предметот. Имено, тој тука е задолжен за синтезата што ја открива големата социопсихолошка слика на кавалот и како „трансгенерациски комуникациски код“ од архаичните времиња до денес. Тука станува збор и за неговата синкретистичка улога што ги врзува во една семантичка целина свирачот, инструментот и музиката, како што вели Даутовски. Сликата што сама по себе и магиски и митски нè води кон веќе спомнатиот митски пејач и свирач Орфеј, прототип на нашиот овчар/пастир.
Тоа е сликата што и од научнометодолошки, етномузиколошки и социјално-психолошки аспект јасно ја изложил Даутовски во по многу нешта неговата значајна за нас книга „Кавалот во Македонија“.