Се сеќаваме на непобедливите во сезона 2003/2004, Арсенал во Премиер-лигата и Јувентус во италијанска Серија А во сезоната 2011/2012, така што го заслужуваме овој дел од историјата во европскиот фудбал. Ова е исклучителна сезона, рече тренерот Алонсо, чиј тим неделава може да додаде уште два трофеја
БАЕР Е ПРВ ТИМ ШТО ЈА ОСВОИ ТИТУЛАТА ВО ГЕРМАНИЈА БЕЗ ПОРАЗ
Ова е исклучителна сезона што ја направивме, не само во Германија туку мислам и во Европа. Се сеќаваме на непобедливите во сезона 2003/2004, Арсенал во Премиер-лигата и Јувентус во италијанска Серија А во сезоната 2011/2012, така што го заслужуваме овој дел од историјата во европскиот фудбал, ја пренесе агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП) изјавата на Чаби Алонсо, тренерот на Баер од Леверкузен, кој прв ја освои титулата во германската Бундеслига без пораз (тимот забележа 28 победи и шест ремија).
Во 34-то коло, Баер дома го победи Аугсбург со 2-1, во саботата. По триумфот, Алонсо, кој го презеде тимот во октомври 2022 година кога клубот од Леверкузен беше во зоната за испаѓање од Бундеслигата, ја поздрави публиката откако го доби својот медал. Тој веќе вети дека ќе остане и следната сезона.
Голманот на Баер, Лукас Храдецки, се искачи на трибините и им го предаде трофејот на навивачите за да го подигнат. Тој водеше клупско скандирање, а Алонсо се качи за да му се придружи, пишува АП. Ретродресовите што ги носеа гледачите околу стадионот ги носеа имињата на минатите клупски великани, како германскиот напаѓач Руди Фелер, чилеанскиот играч за врска Артуро Видал, мексиканскиот напаѓач Хавиер Чичарито Ернандез и локалниот талент Каи Хаверц, сега во Арсенал. Тие играчи освоија некои од најголемите награди во светскиот фудбал, но ниту еден не освои трофеј со Баер, пишува АП.
Алонсо и неговиот тим можат да додадат уште два трофеја неделава, в среда во финалето на Лига Европа на дуелот со италијанската Аталанта во Даблин, а потоа и во финалето на Купот на Германија со Кајзерслаутерн, во Берлин, в сабота. Н.М.