Фото: ЕПА

ФУДБАЛ

Клубовите од англиската фудбалска Премиер-лига ќе гласаат дали да го укинат системот видеопомошник-судија (ВАР) од следната сезона на нивниот годишен генерален состанок следниот месец, пишува „Би-би-си“.
Вулверхемптон формално достави резолуција до Премиер-лигата што ќе донесе гласање кога 20-те клуба ќе се сретнат на состанокот. Клубот соопшти дека ВАР е воведен „со добра волја“, но довел до „голем број несакани негативни последици што го оштетуваат односот помеѓу гледачите и фудбалот“. ВАР беше воведен во 2019 година за да им помогне на официјалните лица на теренот во клучните одлуки за натпреварите, но имаше голем број контроверзни инциденти поврзани со технологијата сезонава, пишува „Би-би-си“.
– Цената што ја плаќаме за мало зголемување на прецизноста е во спротивност со духот на нашата игра – пишува во соопштението на Вулверхемптон, пренесе „Би-би-си“.
Премиер-лигата соопшти дека „ја признава загриженоста“ за ВАР, но „целосно ја поддржува“ технологијата и дека ќе продолжи да работи со судиското тело за да направи подобрувања, пишува „Би-би-си“. За секоја промена на правилата е потребно двотретинско мнозинство, 14 од 20-те клуба да гласаат „за“.
Клубовите од Премиер-лигата веќе изгласаа полуавтоматска офсајд-технологија, која ќе биде воведена за сезоната 2024/2025. Во минатиот месец Шведска стана единствената елитна лига од врвните 30 на Европската фудбалска унија (УЕФА) што го отфрли ВАР. Н.М.