Новоизбраната претседателка на државата, професорката Гордана Силјановска-Давкова на свој специфичен, иновативен начин им се обрати на пратениците во македонското собрание, носителите на највисоките јавни и верски функции, дипломатскиот кор и целата македонска и меѓународна јавност. Во нејзиниот говор имаше исклучително силни поенти и, ставајќи го родовото прашање на највисокиот пиедестал, допре до најсуштествените политички, правни, економски, безбедносни, социолошки, образовни и други прашања што се суштествени за исчекор во вистинска насока на македонската држава. Поради тоа, во продолжение, го пренесуваме интегрално целиот говор на претседателката Силјановска
Прво обраќање на претседателката Гордана Силјановска-Давкова во македонското собрание
Почитувани и сакани граѓани, почитувани пратенички и пратеници, почитувани гости, почитувани екселенции. Моите зборови се во битка со емоциите. Признавам, не можев да замислам дека ваква доверба ќе добијам од над 560.000 граѓани, сè уште не ми се верува. Единствениот човек кој тврдеше дека ќе се случи тоа беше господинот Христијан Мицкоски. Јас му одговарав дека не е можно, ама тој тврдеше дека не е како мене професор по уставно право туку дека е математичар и дека тоа ќе се случи кога ќе има хармонија меѓу математиката и емоциите. Ги знаете моите тези, само ќе ги повторам. Но потоа би сакала да им се обратам на оние заради кои се нафатив. Оние кои сакам да ги инспирирам, оние кои на Западен Балкан не често се претседателки на држави. Сакам да им се обратам на жените. Но најпрво ќе го почитувам овој парламент, ќе ги заборавам лошите моменти, ќе ги помнам само добрите. Ќе бидам претседателка и на левата и на десната страна. Ќе бидам претседателка на сите граѓани, нема да правам разлика ниту по етничка ниту по верска ниту по полова ниту по каква било друга разлика. Ќе се обидам да ги оправдам овие илјадници гласови, кои не се само најубав подарок за мојот роденден, туку се и најголемата обврска што сум ја имала во животот. Ќе сторам сѐ за да ја оправдам.
Почитувани, време е за единство, затоа реков дека ќе им се обратам на жените. Бидејќи единството може да значи женска филозофија, женска автентичност. Бидејќи ние умееме да се грижиме не само за себе туку пред сѐ за сите останати. Среќна сум што деновиве првите честитки дојдоа од жени. Имав телефонски разговор со претседателската на Словенија, прекрасен женски разговор. Роденденот, нема да верувате, го поминав со амбасадорката на САД, исто така во еден женски разговор. Тоа се нешта кои во животот ќе ги носам со себе. Првите честитки дојдоа од моите колешки не само од Венецијанската комисија и од универзитетите туку од сите континенти и од сите области. Зошто сакам овој говор да го посветам на жените? Прво, во ова собрание, јас законите ќе ги читам и ќе се обидам да укажам дека на женски начин не мора да дојде до вето. Дека може да направиме преку обраќањето некои корекции. Исто така, кога ќе именувам или предлагам членови на Судскиот совет или Уставниот суд или кој било орган, се разбира дека ќе тргнувам од стручноста и компетентноста. Знаете зошто? Затоа што жените се таму на вистинските функции, каде што се ценат стручноста и компетентноста. За жал, ги нема во политиката! Јас затоа сум среќна што ќе инспирирам други жени, ако можам јас да бидат претседателка, можете да бидете и вие. Запомнете. Што сакам друго да кажам?
На Западен Балкан и на Балканот сѐ уште е жив патријархатот, затоа мислам дека силните жени на поинаков начин може да ги решаваат проблемите меѓу сите.
Меѓу мажите и жените, меѓу нациите. Цврсто верувам во тоа, а дека сум во право покажува и следново. Оваа држава не ја бранеле или не ја имаме благодарение само на комитите, туку и на комитките, како Сирма Војвотка. Оваа земја ја имаме не само заради партизаните туку и заради партизанките. Од Вера Циривири-Трена, Вера Јоциќ, Ибе Паликуќа, значи на 16-годишна возраст и тие стекнувале избирачко право. Многу храбри жени и многу умни жени сум видела во овој парламент, но се чудев зошто ги нема, зошто немаме жена премиер, зошто сме немале жена претседателка на собрание, зошто да немаме жена претседателка на државата. И, еве, се случи тоа. Јас ќе го пробивам патот, и од лево и среде и десно гледам многу умни, посветени жени, кои ќе ги носам и во умот и во срцето.
Значи, политиката најчесто не беше уметност на можното, туку беше кој, кога и како добива. Нас нѐ немаше на врвните функции, значи ние можеме да ја развиваме политиката како уметност на невозможното. Дека зад успешните политичари или мажи стојат прекрасни жени. Еве, јас ја користам пригодата да кажам дека зад успешните жени стојат прекрасни мажи, како мојот сопруг. Тој прифати животот да ни биде вистински натпревар, не само со емоции туку и со вистински аргументи и во кариерата. Ама за време на кампањата или пред кампањата, јас доживеав да ми биде укажана доверба од човек кој не го познавав претходно. Јас господинот Христијан Мицковски не го познавав пред 2019 година, само еднаш го видов на телевизиските екрани. Значи, довербата е многу важна, довербата е многу важна. Јас ќе ја оправдам, не заради одговорност или долг кон партија или кон политика, не. Затоа што добив шанса да бидам опкружена од многу, многу, многу жени. И би сакала да споменам некои од нив.
Да не беа со мене волонтерките, бидејќи јас сум опкружена со волонтерки и волонтери, јас не ќе можев да ја издржам кампањата. Требаше критика, беа потребни совети, беше потребна поддршка. Моето мото е – не опкружувајте се со обожавателки и обожаватели, туку само со критичари и критичарки. Само тие ви мислат добро. Зошто бев премногу релаксирана? Затоа што жените околу мене не беа само Македонки, ниту мажите околу мене беа само Македонци, сите го видовте тоа. Во мојот тим, токму како во моите програми, во мојата програма отпечатена на сите јазици, беа и жени и мажи – Албанци, Турци, Роми, Власи, Бошњаци, Срби. Веројатно видовте кога ја читаа програмата на нивниот јазик. Таков ќе биде и мојот кабинет, ама првиот и основниот критериум за дружење со мене ќе биде стручност и компетентност, а потоа која било друга припадност. Мислам дека само така жените ќе имаат предност. Не смееме да се откажуваме, тоа е еманципацијата од 50 отсто од знаење, умеење, енергија, креација, убавина. Никој нема право да го прави тоа. И постојано велам, треба да го следиме ритамот на природата, таа е совршен креатор, хармонизира. Затоа, јас не го знам соодносот на жените и мажите во следниот пратенички состав, но многу би сакала да направиме чекор напред во оние 42 отсто. Зашто, верувајте ми, повторувам имало овде прекрасни моменти, а имало, за жал, во политиката и судири. Ама ние жените овде, и во Клубот на пратеници и во Клубот на комисијата за еднаквоста на жените и мажите, и кога одевме надвор, умеевме да ја претставиме Македонија како умна, стамена, достоинствена жена. Знам дека не смеам да должам. Не случајно, држава е во женски род, политика е во женски род, демократија е во женски род, Македонија е во женски род. Пратеници, витези, помогнете им на жените да го изразат тоа што го имаат, а што не можеле досега. Јас ви ветувам дека ќе го направам тоа и дека сите вие ќе бидете горди на Македонија. Како што сум јас на мојот народ, како збир на индивидуи и граѓани, мислам дека така ќе помогнеме да се европеизираме и да ги надминеме балканските поделби и делби.
Никогаш не ни било потребно поголемо единство. Можеби некој ќе ми замери што го споменав господинот Мицкоски, но, еве, пред мене е и господинот Ковачевски, па сакам и него да го споменам. И тој се одважи да ми се јави, не само на Фејсбук да ми посака добредојде и успешна работа, туку да поразговараме. Затоа мислам дека со нас жените ќе се менувате и вие мажите политичари и Македонија ќе стане едно пристојно место за соживот на сите. Искористете го умот, искористете го и не заборавајте ги. Така мислам дека ќе ги охрабриме и оние надвор, бидејќи покрај жените, мојата болка и радост се и младите. Тие не случајно се родиле тука, ајде да исчекориме, ајде да се обидеме, треба да се вратат дома. Лекција имаме, тешка лекција. И кога ве гледам вака, знам дека има шанса за сите нас. Како што имаше шанса во театарот кога ми пријдоа многу пратенички од СДСМ да ми честитаат велејќи дека нема разлика меѓу нас, дека сите ќе помогнат. Така барам и од вас, пратенички и пратеници, да имате разбирање за моите обраќања, да имате разбирање за моето евентуално вето, да имате разбирање за моите предлози, да имате разбирање за мојата меритократија во надворешната политика. И, на крајот, владеење на правото е тоа што може да ја направи оваа земја европска држава, владеење на правото, а не владеење на малкумина, не владеење на малкумина мажи. Мислам дека ќе ми помогнете и јас вам. Благодарам. Р.Н.М.