Како поддржувач на перспективата на Република Северна Македонија за членство во ЕУ, Белгија одлучи да поддржи проект предложен од Центарот за европски безбедносни студии (ЦЕСС) за да се олеснат дискусиите меѓу сите политички чинители во земјата заради постигнување консензус околу одлуките што се потребни за да се заокружи почетната фаза од пристапните преговори за членство во ЕУ, изјави за МИА портпаролот на белгиското Министерство за надворешни работи, Давид Јорденс.
– Овој проект има за цел да поттикне култура на компромис меѓу политичките партии и да се овозможат решенија, а со тоа и да се придонесе кон локализација на прашањето – изјави Јорден во врска со информациите објавени во некои македонски медиуми дека поранешниот европратеник Петер Ванхојте на иницијатива на белгиското претседателство со ЕУ „добил мандат да биде медијатор олеснувач на бугарско-македонскиот спор“.
Според Јорденс, проектот се спроведува под независна одговорност на Центарот за европски безбедносни студии и е предводен од Ванхојте, во својство на „независен посредник на високо ниво со долгогодишно искуство во градење капацитети и посредување во Западниот Балкан и особено во Северна Македонија“.
– Белгија само одлучи да го поддржи проектот на Центарот за европски безбедносни студии, во рамките на својата долгогодишна политика за поддршка на проекти за посредување низ целиот свет и имајќи ја предвид својата улога на земја претседавач со Советот на ЕУ – додаде Јорденс.
Во вторникот повеќе медиуми во земјава објавија дека Хојте допатувал во Скопје на средби со преставници на политички партии, невладини организации и други експерти со цел да го „отвори патот за уставните измени и да се обезбедат гаранции дека на патот на Македонија до членство во ЕУ нема веќе да има сопки од Бугарија или нови проблеми“, поради што по престојот во земјава тој ќе отпатувал „на слични средби во Софија“.
Меѓутоа, според извори во белгиското МНР, проектот за посредништво, кој е финасиран од Белгија, е фокусиран само на Македонија, а Бугарија не е опфатена со него.