Државниот хидрометеоролошки завод соопшти дека сахарскиот песок повторно ќе пристигне во Европа. Оттаму објавија и сателитска снимка од која, како што велат, „се гледа како се движи сахарски песок низ Медитеранот, кој исто така ќе стигне до нас во помали количества“. Бурите што носат прашина од Сахара до европските градови се почести отколку што мислите. Што треба да знаете за нив и како да се заштитите?
Како се формира бура од прашина во Сахара?
Акропол минатава недела изгледаше како да е на Марс, а не во срцето на Атина. Црвеникаво-портокалова прашина од Сахара патувала илјадници километри до Југоисточна Европа и го покрила древното светилиште. Бурите што носат прашина од Сахара до европските градови се вообичаен феномен. Што треба да знаете за овој природен феномен: како се формираат бурите, како се движат и дали претставуваат ризик?
– Бурите од прашина се случуваат кога силни ветрови дуваат над големи области на Сахара, пустината што се протега низ северна Африка. Пустинскиот песок е составен од многу различни честички – изјави за „Дојче веле“ Карлос Перез Гарсија Пандо, експерт за песок и прашина во Суперкомпјутерскиот центар во Барселона.
Некои честички се големи и тешки. Ова се првите честички што се собираат од силните ветрови, но тие не се оние што ветровите на крајот ќе ги пренесат преку Средоземно Море во Европа. Наместо тоа, кога овие поголеми честички неизбежно паѓаат на земја, ударот растура други купчиња песок, кои потоа се распрснуваат во ултрамали честички прашина. Токму овие помали честички се носат на долги растојанија, токму затоа што се толку мали и лесни.
За да се појават овие бури, временските услови мора да бидат суви, инаку честичките се собираат заедно и стануваат премногу тешки за да летаат на долги растојанија. Најверојатно бури од прашина ќе се појават во области каде што има малку вегетација, што може да влијае на ветерот и да го забави невремето.
Зошто овие бури носат прашина во Европа?
Во Сахара редовно се случуваат песочни бури. Но за ветровите да ја однесат прашината илјадници километри на север, овие бури мора да комуницираат со временски систем што ќе создаде силни ветрови неопходни за долги растојанија. Во повеќето случаи тоа се полиња со низок притисок во кои се создаваат услови за транспорт на сахарска прашина преку Средоземно Море до Европа. Тие се енергични, вели Гарсија Пандо, и предизвикуваат силни ветрови во спротивна насока од стрелките на часовникот. Обично се појавуваат во пролет. Полињата со висок притисок исто така може да ги предизвикаат овие настани, но тоа е помалку веројатно.
– Честичките прашина, кои на крајот летаат до Европа, можат да останат во воздухот толку долго бидејќи се многу помали од зрната песок, кои многу побрзо паѓаат на земјата. Она што доаѓа во Европа е бура од прашина, но не е песочна бура – изјави Стјуарт Еванс, експерт од Универзитетот во Бафало во Њујорк.
Дали овие бури од прашина се проблематични?
– Ова се случувало многупати низ историјата, прашината е стара речиси колку и Земјата. Тоа не е ништо ново – вели Гарсија Пандо.
Тој објасни дека анализата на овие настани не треба да загрижува. Наместо тоа, станува збор за разбирање на феноменот и што претставува тој за општеството и климата. Прашината, објаснува тој, не е секогаш лоша работа: на пример, таа служи како еден вид хранлива материја за шумите и океаните, хранејќи ги со железо и фосфор.
– Но количеството прашина на Земјата се зголемило од прединдустриското време. Ова во голема мера е последица на човечкото обработување на земјиштето, но и на климатските промени. Замислете парче кал. Ако стапнете на кал или автомобил се вози преку него, ќе се создадат тони честички или нечистотија што потоа лесно ги разнесува ветерот – забележува Пандо.
Кога станува збор за климатските промени, тој дава пример со езеро што се суши. Седиментите што остануваат во езерото се многу, многу ерозивни и лесно можат да се пренесат во атмосферата во форма на прашина.
Но, во овој момент, научниците сè уште не се сигурни дали климатските промени ќе предизвикаат повеќе или помалку ветер на Земјата, па затоа е тешко да се каже каква би можела да биде иднината на песочните или прашинските бури.
– Ова е една од клучните несигурности што ја имаме во предвидувањето на иднината на прашината. Се обидуваме да разбереме како ќе се развиваат ветровите во различни ситуации – не само просечниот ветер туку и екстремните – рече Гарсија Пандо.
Доколку се најдете во бура од прашина во Европа, тој вели дека треба да ги следите истите стручни совети како во деновите кога квалитетот на воздухот е особено лош. Прашината претставува опасност за дишните органи, затоа треба да носите маска и да се воздржите од спортски активности на отворено. Ова е особено важно за луѓето со респираторни заболувања.