Министерството за правда денеска соопшти дека е добиено официјално известување дека екстрадицијата на Љупчо Палевски е дозволена. Палевски е осомничен за две кривични дела „грабнување“ и „убиство на свиреп начин“ на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
Од Министерството за правда за МИА посочуваат дека е завршен судскиот процес и административната процедура и сега останува само да се реализира трансферот.
Министерот за правда Кренар Лога минатиот месец изјави дека судскиот дел во Турција за екстрадицијата на Љупчо Палевски – Палчо е завршен, останува само административниот.
– При нашата официјална посета во Турција ни беше кажано дека судскиот дел во врска со екстрадицијата на Љупчо Палевски Палчо кај нив е завршен и останува само административниот дел. Според нивните правила, мора прво таму да се потпише од страна на нивното Министерство за внатрешни работи, па после до министерот за правда – изјави министерот за правда Кренар Лога.
Љупчо Палевски – Палчо повеќе од три месеци е во екстрадационен затвор во Турција.
За соучество се товарат и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски кои се во притвор во Скопје. Во притвор е и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека помагал во грабнувањето.
Со мерки на претпазливост за овој случај е и Стефан Димовски, возачот на првоосомничениот за двојното убиство на Вања и Панче, кој е осомничен за помагање при бегството.