ОДБОЈКА – ПРВЕНСТВО НА МАКЕДОНИЈА ЗА МАЖИ
Одбојкарите на Струмица 47/72 по 11-ти пат станаа шампиони на Македонија и ја одбранија титулата освоена во минатата година. Во финалната серија, која се играше до три победи, струмичани го совладаа годинашниот освојувач на Купот на Македонија, Штип УГД, со 3-1 во победи. Од 2012 година, Струмица 47/72 само трипати не била освојувач на двојната круна, пишува Одбојкарската федерација на Македонија. Годинава во домашниот куп славеше Штип УГД и со тоа го оствари својот најголем клупски успех.
Во четвртиот меч струмичани славеа на гости со 3-1 (25-15, 25-21, 21-25, 25-17), како што беше на сите нивни меѓусебни дуели во финалната серија. Предводени од искусниот тренер Кире Ричлиев, струмичани ги добија првите два сета, потоа штипјани победија во третиот, гостите го освоија четвртиот и со првата победа на гости означија крај на возбудливата првенствена сезона. Конор Хенкс со вкупно 61 поен беше најефикасен кај победничката екипа во финалната серија, а Махди Задмард кај штипјани освои 67 поени.
Претходно одбојкарките на Работнички Скопје третпат во низа го освоија шампионскиот пехар во Првенството на Македонија за жени, откако во финалната серија ја совладаа екипата на Струмица со 3-0 во победи. Г.И.