Фото: Принтскрин/Јутуб

Хамас објави видео од 23-годишниот израелско-американски заложник, Херш Голдберг-Полин, кој славеше со своите пријатели на музичкиот фестивал Нова, кога милитантната група на 7 октомври насилно го нападна и киднапираше.

Портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ), Даниел Хагари, коментирајќи го видеото на  Голдберг-Полин, објавено од  Хамас, рече дека тоа е итен повик за акција и додаде дека израелската армијата нема да остави „камен на камен во напорите да ги пронајде заложниците“.

-Хамас го држи Херш во Газа повеќе од 200 дена. Хамас продолжува да држи 133 заложници во Газа повеќе од 200 дена, во нехумани услови – рече Хагари во видео пораката.

Тој рече дека ИДФ ќе продолжи да го гони Хамас низ Газа додека не се ослободат заложниците, пишува „Тајмс оф Израел“.

– Ова е итен повик за акција. Ние нема да оставиме камен на камен во нашите напори да ги најдеме нашите заложници. Ова видео со психолошки тероризам не е само потсетување на она што го направи Хамас на 7 октомври, туку и колку е болна оваа терористичка група која ги тероризира заложниците и нивните семејства – рече портпаролот на ИДФ.

Палестинското милитантно движење Хамас вчера објави видео на кое е прикажан Херш Голдберг-Полин. Краткиот, недатиран клип покажува дека 23-годишното момче има повреда на потколеницата, но инаку изгледа здраво. Во видео-порака, тој рече дека претрпел сериозни повреди за време на нападот на 7 октомври, откако се обидел да го искористи своето тело како штит за да се заштити себеси и другите исплашени цивили, пренесуваат светските медиуми.


Халил ал-Хаја: Хамас е подготвен на примирје со Израел во случај на „решение со две држави“

Заменик-претседателот на политбирото на Хамас за Газа, Халил ал-Хаја изјави дека палестинската милитантна група е подготвена да се договори за петгодишно примирје со Израел и да се претвори во политичка партија доколку биде воспостаена палестинската држава со границите од 1976 година, што претставува познато „решение со две држави“.

Ал Хаја, претставник на Хамас во преговорите за прекин на огнот и враќање на заложниците, нагласи дека групата ќе прифати „целосно суверена палестинска држава на Западниот Брег и Појасот Газа и враќање на палестинските бегалци во согласност со меѓународните резолуции“.

Тој додаде дека во тој случај военото крило на Хамас ќе биде распуштено и оцени дека долго најавуваната израелска копнена офанзива во градот Рафа нема да го победи Хамас.

– Израелските сили не уништија повеќе од 20 отсто од силите на Хамас. Ако не можат да го докрајчат Хамас, кое е решението? Решението е договор – изјави Ал Хаја.

Хамас, како што наведе, направи отстапки за време на преговорите со Израел, но нема да се откаже од барањето за траен прекин на огнот и целосно повлекување на израелските војници.

– Ако не сме убедени дека војната ќе заврши, зошто да ги предадеме затворениците – праша Ал Хаја.