Рано изутринава од печатницата „Киро Дандаро“ во Битола, во присуство на силно полициско обезбедување, тргна гласачкиот изборен материјал за претседателските избори.
Процесот на дистрибуција на изборниот материјал го набљудуваше комплетната комисија на Државната изборна комисија -ДИК, предводена од претседателот Александар Даштевски.
– Имаме 17 тима за изборниот материјал да биде поуспешно распореден и брзо дистрибуиран во општинските изборни комисии. Тоа е едно од последните дејства пред изборите. Пред нас останува најважното, предавање на изборниот материјал до изборните општински комисии, до избирачките одбори, кое е многу чувствително и мора да се спроведе во најдобар ред, бидејќи може да предизвика одговорност во општинските изборни комисии. Сите останати од роковникот ги спроведовме – рече Даштевски.
До вечер изборниот материјал ќе биде дистрибуиран до сите 80 општински комисии. Даштевски вели дека за претседателските избори се отпечатени 1.814.000 ливчиња, колку што се евидентирани гласачи во избирачкиот список.
-Процесот на изработка траеше околу 10 дена. Се работеше секој ден по 24 часа и беше под мониторинг на ДИК и ОБСЕ. На самото ливче има околу 20 заштитни знаци, кои се претходно договорени во тендерската документација со ДИК – додаде тој. М.М.