Иранските државни медиуми утрово објавија за експлозии во центарот на Исфахан додека американските медиуми цитираа официјални лица кои тврдат дека Израел извршил одмазднички напади врз својот главен ривал.
Системите за ПВО над неколку ирански градови беа активирани, објавија државните медиуми, откако државната телевизија соопшти дека експлозии се слушнале во близина на централниот град Исфахан.
Израел претходно предупреди дека ќе возврати откако Иран истрела стотици проектили и беспилотни летала врз Израел во текот на минатиот викенд. Повеќето од нив беа пресретнати.
Иранската новинска агенција „Фарс“ објави дека се регистрирани „три експлозии“ во близина на воената воздухопловна база Шекари во северозападниот дел на провинцијата Исфахан, додека портпаролот на иранската вселенска агенција Хосеин Далиријан изјави дека „неколку“ беспилотни летала биле „успешно соборени“.
– Засега нема извештаи за ракетен напад – објави Далиријан на социјалната мрежа „Екс“.
Нуклеарните постројки во Исфахан се пријавени како „целосно безбедни“, објави иранската новинска агенција Тасним, повикувајќи се на „сигурни извори“.
Американските телевизии „Еј-би-си њуз“ и „Си-би-ес њуз“ објавија дека нападите биле извршени од Израел, цитирајќи американски официјални претставници.
Засега нема коментар од Белата куќа или од Пентагон. Израелската војска објави дека „во моментов нема коментар“.
Иран – клучниот поддржувач на палестинската милитантна група Хамас и либанскиот Хезболах – го започна нападот како одмазда за нападот на 1 април врз неговиот конзулат во Дамаск, за кој нашироко беше обвинет Израел.
Според локална активистичка група, имало и експлозии во јужна Сирија.
– Имаше удари врз радарска позиција на сириската армија – рече Рајан Мааруф, кој ја води антивладината веб-страница „Сувајда 24“ која покрива вести од провинцијата Свеида на југ.
– Иранската воздушна одбрана е активирана на небото на неколку провинции во земјата – соопшти официјалната новинска агенција на Техеран ИРНА.
Новинската агенција „Мехр“ објави дека „летовите за Техеран, Исфахан и Шираз и аеродромите на запад, северозапад и југозапад се прекинати“. Меѓународниот аеродром Имам Хомеини во Техеран беше затворен за сите летови до 7 часот по Гринич.
По налетот на иранските проектили, израелските власти не кажаа кога и каде ќе возвратат, но премиерот Бенјамин Нетанјаху рече дека неговата земја го задржува правото да се заштити.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш вчера даде песимистичка забелешка за ситуацијата на Блискиот Исток, предупредувајќи дека зголемените тензии околу војната во Газа и нападот на Иран врз Израел може да прераснат во „регионален конфликт од целосен размер“.
– Блискиот исток е на раб на пропаст. Последните денови се забележува опасна ескалација — со зборови и со дела. Една погрешна пресметка, една погрешна комуникација, една грешка, би можеле да доведат до незамислив регионален конфликт од целосен обем кој би бил катастрофален за сите инволвирани – рече Гутереш пред Советот за безбедност.
Денешниот напад „имаше намера да му сигнализира на Иран дека Израел има способност да нападне во внатрешноста на земјата“, изјави неименуван израелски функционер за „Вашингтон пост“.
Нуклеарната организација на ОН (МААЕ) потврди дека иранските нуклеарни локации се неповредени, по извештаите за напад во ирански Исфахан.
МААЕ, исто така, го повтори својот повик и Иран и Израел да покажат максимална воздржаност, нагласувајќи дека атомските капацитети никогаш не треба да бидат цел.