Архиепископот г.г. Стефан заедно со членовите на Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА изврши хиротонија на новоизбраниот епископ полјански Јаков, претпладнево во манастирот „Покров на Пресвета Богородица и свети Леонтиј“, во селото Водоча.
Одлуката на Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА е донесена на 29 септември оваа година, а чинот на хиротонија или ракополагањето се случи претпладнево на соборот на епископите.
Поглаварот на МПЦ г.г. Стефан заедно со членовите на Синодот отслужи и Божествена литургија за хиротонијата на новоизбраниот епископ полјански Јаков.
-Како помошен епископ трудете се достојно и достоинствено да ги извршувате задолженијата што ќе ви бидат овозможени, а пред сè трудете се постојано да го проповедате Светото евангелие. Бидете постојано исполнет со љубов за сите и со трпение кон сите. Одѕивајте се на духовните потреби на верниот народ. Бидете секогаш подготвен да им дадете утешителен збор, потребен совет на оние што тоа ќе ви го побараат. Оние коишто скршнале упатуајте ги на правиот пат. Бидете секогаш подготвен да им помогнете на оние кои останале без надеж, на оние на кои им исчезнала љубовта, им згаснала верата. Поучувајте со збор, но најмногу со добар пример, порача поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан во обраќањето по завршувањето на Божествената литургија.
Синоќа во манастирската црква „Свети петнаесет тивериополски свештеномаченици“ во Струмица се одржа наречение на новоизбраниот епископ.
Епископот полјански Јаков е досегашен старешина во манастирот „Свети Антониј и свети великомаченик Георгиј“ во Ново Село,Струмичко. Тој е новиот, тринаесетти владика во Синодот.
Сега ја носи титулата епископ полјански и во иднина ќе биде викарен епископ на митрополитот струмички, господин Наум.
На хиротинијата присуствуваше претседателот на Владата Зоран Заев, потпретседателот на Владата и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, градоначалниците на Струмица и Дојран, Коста Јаневски и Анго Ангов, претседателот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, и голем број верници и гости.