Европските земји мора да ги ревидираат застарените закони кои им овозможуваат на силувачите да минат неказнети и кои создаваат култура во која вината се става на жртвата, објави денеска групата за заштита на човековите права Амнести интернешнл.
Само осум од 31 држава, колку што биле вклучени во извештајот на Амнести интернешнл, силувањето го дефинираат како полов однос без согласност, покажа истражувањето објавено пред Меѓународниот ден за борба против насилството над жените. Останатите земји имаат правни дефиниции на силувањето кои се однесуваат на употреба на сила, закана со сила или фактот дека жртвата не се бранела.
– Повторно, истражувањата покажуваат дека многу луѓе и натаму веруваат дека не се работи за силување кога жртвата била пијана, кога носела провокативна облека или физички не се бранела, изјави Ана Блас, која го водела истражувањето.
Како што нагласи Блас, полов однос без согласност е силување и точка. Се додека владите не ги усогласат своите законодавства со тој едноставен факт, силувачите ќе се извлекуваат и покрај своите злосторства.
Со истражувањето биле опфатени 28 држави од ЕУ, како и Исланд, Норвешка и Швајцарија, пренесува Хина. Од сите тие, само Белгија. Кипар, Германија, Исланд, ирска, Луксембург, Шведска и Велика Британија го оквалификуваат силувањето како полов однос без согласност.
Петмина мажи неодамна добија поблаги казни за силување тинејџерка во Шпанија, бидејќи таа за време на нападот молчела и, според судијата, немало насилство.
Во Ирска имаше случај во кој бранителката на силувачот како доказ дека силуваната тинејџерка се согласила на секс го изнесе фактот дека таа носела танги.