Францускиот претседател Емануел Макрон ја повика француската одбранбена индустрија трајно да го зголеми производството на оружје во услови на војна во Украина.
– Мораме трајно да се подготвиме за геополитичка и геостратешка промена во која одбранбената индустрија ќе игра растечка улога – рече Макрон поставувајќи камен-темелник за нова фабрика за експлозивен прав за компанијата Еуренко во југозападниот град Бержерак.
– Потребна е воена економија за да може Украина да биде снабдена со оружје за да се одбие руската инвазија, како и за нашата одбрана. Оваа економија исто така е во наша корист – рече тој и додаде дека „оваа динамика почна во Европа и светот“.
На пример, производството на хаубици испорачани во Украина се зголеми за три пати, што исто така го зголемува извозот на оружје. Европа не може да се откаже од Украина, се работи и за сопствената безбедност, нагласи Макрон.
– Ние Европејците мора да направиме повеќе и побрзо ако САД ги нема таму, ние Европејците мора да се мобилизираме и да најдеме ново финансиско решение. На ова поле тесно соработуваме со Германците – рече францускиот претседател.