Фото: Горан Анастасовски

Дали ќе биде куче, маче, птица, риба, треба да се знае дека секое животно е корисно за воспитувањето и за психичкото здравје на децата. Исто така чувањето домашен миленик е многу корисно за децата со пречки во развојот

Катче за родителите

Децата и домашните миленици – тема што секогаш има коментари „за“ и „против“. Има родители што се плашат од бактерии, каснувања, нечистотии. Наспроти нив се оние што веруваат дека домашните миленици го зајакнуваат имунитетот на децата и влијаат правилно на психолошкиот развој.

Ретко кој од родителите што се плашат од чување домашен миленик може да се разубеди дека тоа е корисно за децата, па единственото решение да ја сменат својата одлука е посетата на дом во кој децата и миленичето живеат заедно и со прашања до домаќините за да се побијат самите себеси со добиените договори.
Сепак, пред да се земе домашно милениче, треба да се знае дека секое животно си бара време и внимание. Ако детето бара миленик, родителите се тие што треба да одлучат кое ќе биде тоа животно, во зависност од возраста на детето.
Предучилишните деца тешко ќе се снајдат со чување куче и со одговарање на неговите потреби за шетање, хранење, одржување хигиена. Но затоа морското прасе, папагалите и рибите се одличен избор.

Училишните деца веќе се подготвени за чување куче, маче, некое егзотично животно или зајак.Сепак, за кое било животно да се одлучат, на почетокот помошта од родителите ќе биде неопходна.
А дали ќе биде тоа куче, маче, птица, риба, треба да се знае дека секое животно е корисно за воспитувањето и за психичкото здравје на децата. Животните се причина за радост, среќа и здравје на многу луѓе затоа што од нив добиваат несебична љубов и енергија.

Многу научници велат дека одгледувањето животни во домот е многу значајно за малите деца. Животните нудат пријателство и тие се верни другари. Децата ги прават одговорни и така учат дека не треба мислат само на себе туку и на другите. Со чувањето милениче од најмала возраст се учи и на дисциплина и редовност.
Често помалите деца имаат стравови од одредени простории во домот, а миленичето може да им помогне во нивното надминување. Домашните животни се одлични за склопување нови пријателства со другите деца кога детето го шета животното.
Со чување милениче, момчињата и девојчињата се учат да примаат и да даваат љубов, а најчесто животното служи и за искажување на сите тајни што ги има детето.
Многу истражувања покажуваат дека домашните миленици им помагаат на децата да ги подобрат когнитивните способности, вербалните начини на комуникација, па дури и тоа дека овие дечиња имаат повисок коефициент на интелигенција.

Исто така, чувањето домашен миленик е многу корисно и за децата со пречки во развојот, затоа што појавата на животинче во домот го активира социјалното поведение на децата.
Она што можеби на сите родители им е најважно да го знаат е дека децата што од помали имаат контакт со мачки, кучиња и други крзнени животни имаат помала веројатност да страдаат од алергии.

М-р Катерина Спасовска Трпковска


Мачор – астроном

 

Во топла соба,
бабата го гали,
на мачорот Ристо
ништо не му фали.

И додека ќумбето
како стар воз баботи,
Ристо цел ден спие
и ништо не работи.

Но штом мине денот
и блеснат ѕвезди
светли,
Ристо е на покривот
до првите петли.

Астроном е Ристо,
тоа не го крие –
но штом ноќта мине,
дење тој ќе спие!

Стојан Арсиќ
(Од книгата
„Раскрилени пораки“)

Фото: Горан Анастасовски