Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје потпиша договор со здружението за зачувување на делото на Анте Поповски, „Антево перо“, за добивање дигитализирани материјали од неговиот опус, како и правата за дигитализација на книги и некнижен фонд од неговата приватна архива.
Целокупното творештво и дејност на великиот Анте е од непроценливо значење за македонската култура и сметаме дека како институција сме должни да го заштитиме и промовираме денес, но да го оставиме достапно и за идните генерации.
– Наша должност како библиотека е да го чуваме творештвото на македонски јазик, од македонските великани, од оние што пред нас го трасирале патот на македонската култура и општество. Една од тие фигури е секако и Анте Поповски, не само како поет и академик туку и како значаен општественик и голем борец за зачувување и промоција на македонскиот јазик и македонското прашање во 20 век. Нашите ресурси и знаење, особено Одделот за дигитализација, годинава, меѓу другото, го ставаме во функција на преземање дигитализирани единици или дигитализирање нови во координација со здружението „Антево перо“. Силно веруваме дека творештвото на Анте допрва ќе се истражува и анализира од повеќе аспекти и во повеќе научни области – истакна директорката на библиотеката, Снежана Стојчевска.
Од здружението „Антево перо“ велат дека дигитализацијата на најголемиот дел од неговите книги, фотографиите и дел од личната преписка со значајни творци од 20 век е направена од Атина Цветаноска, член и еден од основачите на здружението „Антево перо“.

– Овие материјали во дигитална форма ѝ ги отстапуваме на библиотеката, бидејќи тоа значи поголема достапност за што повеќе почитувачи на Антевото дело, идни истражувачи на неговото творештво, неговата општествено-културна работа и силните заложби за зачувување на македонскиот јазик – велат Александар и Жорж, синови на Анте Поповски и основачи на здружението.
Дигитализираните единици ќе се поставуваат на платформата Дигитална библиотека во посебна секција. Во првата фаза, предвидено е поставување дигитална верзија од книгите: „Одблесоци“, „Вардар“, „Непокор“, „Камена“, „Тајнопис“, „Љубопис“, „Сина песна“, „Глас од дамнина“, „Провиденија“„Света песна“ и „Две тишини“. Исто така, ќе бидат поставени и фотографии од личниот и професионалниот пат на Анте, почнувајќи од најстарата зачувана фотографија од 1932 година на која е тој, има само една година и е заедно со родителите.
Во делот со преписките ќе бидат поставени дигитализираните верзии од кореспонденциите со двајца добитници на „Златниот венец“ на „Струшките вечери на поезијата“, Рафаело Алберти (1979) и Хусто Хорхе де Падрон (1990), меѓу другото многу значајни и за македонскиот јазик и идентитет.
– Договорот за дигитализација на творештвото на Анте Поповски се совпаѓа и со два големи јубилеја, 60 години од објавувањето на неговата книга „Непокор“ и 40 години од објавувањето на „Сина Песна“. На крајот од оваа година е предвидена и јавна презентација на сработеното пред студентите по филологија, односно идните потенцијални проучувачи на животот и делото на Анте Поповски – информираат од Градската библиотека. С.Ј.