Претседателот на државата избран во Собранието ќе претставува само обична фигура што стапила на функција врз основа на најобичен меѓупартиски пазар, без никакви ингеренции и без никаква моќ да биде контролор на политиките што се спроведуваат во државата. Наместо коректив, тој ќе биде обичен послушник на оние што го номинирале и избрале
Изборот на претседател на државата на непосредни избори има посебна тежина
Во време кога во сѐ повеќе земји се отвора дебата околу зајакнувањето на претседателските ингеренции во насока на воспоставување баланс во власта, но и во креирање вистински лидери, кои сѐ помалку ги има, во Македонија партиите од албанскиот политички блок заговараат целосно деноминирање на претседателската функција, така што првиот човек на државата би се избирал во Собранието и би имал исклучиво репрезентативна функција.
Станува збор за исклучиво лукративен пристап од страна на албанските политички партии во земјава, со кој на сопственото гласачко тело, во недостиг од реални резултати важни за граѓаните, треба да му се докаже дека се освоени сите можни државни функции во Македонија, па и претседателската.
Зошто таква демонстрација на етноцентрична амбиција, која е обид за флагрантна промена на карактерот на Македонија?
Со оглед на актуелниот изборен модел преку општи и непосредни избори, сето тоа дополнето со цензус на одзив над 40 отсто, албанските политички лидери во земјава се свесни дека во овој момент не можат да ја остварат ваквата цел, па затоа заговараат промена на моделот на избор на претседател, поточно тој да се избира во Собранието врз основа на меѓупартиски договор. Со други зборови, претседателот на државата избран по овој модел ќе претставува само обична фигура што стапила на функција врз основа на најобичен меѓупартиски пазар, без никакви ингеренции и без никаква моќ да има целисходна контролно-надзорна функција на политиките што се спроведуваат во државата (и што се планира да бидат спроведени). Наместо да биде коректив, па и обединител, тој ќе биде обичен послушник на оние што го номинирале и избрале. Функционалното деноминирање на институцијата Претседател несомнено ќе ѝ даде огромна моќ на другата институција на егзекутивната власт, односно на Владата, која и онака се однесува дека е над сите државни институции, вклучувајќи и над Собранието, кое всушност треба да биде нејзин контролор.
Кои се ставовите во нашата анкета во врска со ова прашање, спроведена меѓу
повеќе десетици професори, аналитичари и експерти
Заедничкиот именител на ставовите на анкетираните соговорници, интелектуалци (близу триесеттина) со кои се консултиравме околу ова прашање е спротивен од она што го заговараат повеќето албански политичари во земјава, при што добивме јасна порака.
– Изборот на претседател на државата мора да остане преку општи и непосредни избори, односно да го избираат граѓаните. Можеби треба да се отвори извесна дебата околу висината на цензусот, но граѓаните треба да го имаат последниот збор кој треба да стои на чело на државата. Тоа што е избран од граѓаните дава дополнителна тежина, бидејќи тој говори во име на мнозинството граѓани, тој е нивен репрезент и така треба да се однесува. Дополнително, треба да се отвори дискусија за зголемување на неговите ингеренции, особено кога интервенира при носењето штетни закони. Не може ако претседателот еднаш го вратил законот, по вторпат да мора да го потпише, туку да му се даде можност да врати неколкупати некој закон ако не е запазена процедурата, ако законот не е добар, ако има забелешки, ако не се консултирани експерти и слично. Така ќе се заштитиме од носење неевропски закони со европско знаменце, но и генерално на лоши законски решенија – посочуваат експертите.
Според нив, претседателот на државата мора да биде тој контролен механизам што ќе нотира дали власта застранува од изборната програма, дали спроведува нешто што не ветила, дали ги загрозува националните интереси и слично.
– Ако претседателот имаше поголеми ингеренции, тогаш без негов потпис не ќе можеа да поминаат штетните договори од кои сега последиците ги трпи државата. Кохабитацијата е неопходна за да има корекција на сите штетни политики. Претседателот треба да остане цврста фигура, а таков легитимитет можат да му дадат само граѓаните, па затоа не смеат да се прават никакви отстапки и промени на моделот на избор на претседател. Ако народот го избира првиот човек на државата и ако тој е претседател на сите, тогаш целиот народ во него ќе гледа свој лидер, без оглед на неговата етничка припадност. Граѓаните веќе бараат способни лидери што ќе ги поведат процесите напред, а не да бидат само обични партиски послушници – заклучуваат експертите.