Вчера, во раните утрински часови, во Киев беа регистрирани силни детонации во повеќе делови од градот.Украинските медиуми соопштија дека се работи за ракетен напад. Според градоначалникот Виталиј Кличко, осум лица се повредени, а оштетени се станбени згради и индустриски објекти.
Кличко на апликацијата Телеграм рече дека украинските единици за противвоздушна одбрана ги одбиле нападите и дека фрагменти од проектили паднале на различни делови од градот.
– Остатоците од соборената ракета погодија неколку станбени згради, индустриски објекти и градинка – изјави Кличко, додавајќи дека службите за итни случаи се на терен во различни делови на Киев и гаснат неколку пожари.
Претходно украинската телевизија Паблик и локалниот медиум „Зеркало недели“ објавија за првите две серии експлозии. Воздушна тревога е прогласена низ цела Украина, се наведува на онлајн мапата на украинското министерство за дигитална трансформација. Претходно во Киев, како и во регионите Киев, Черкаси, Виница, Чернигов и Житомир беше објавено предупредување за воздушна закана.
Според украинскиот медиум „Страна“, во 7.39 часот по локално време командантот на воздухопловните сили на Украина, Николај Олешук, пријавил дека Русите ноќта истрелале 31 проектил (2 балистички и 29 крстосувачки проектили) кон Украина и дека сите биле соборени.
Во истиот контекст медиумите јавуваат дека престрелките се зголемуваат и воздушни напади се регистрирани врз рускиот пограничен град Белгород и дека има пет жртви, а искршени се и стаклата на стадионот „Белгород арена“.
– Руското министерство за одбрана извести дека нападот го извршил чешкиот „МЛРС вампајар“ и дека сите проектили се соборени – соопшти Страна.
Засега руските медиуми ги потврдуваат ракетните напади врз Киев, без детални информации за последиците од тоа.