Во Прилеп во тек се тридневните карневалски свечености кои утре напладне, на Прочка ќе кулминираат со дефилето на маските и со околу 500 учесници. Денеска напладне на платото пред Градскиот саат, жените од здружението „Преродба“ пред прилепчани ги демонстрираа обичаите за Велики поклади-Прочка, меѓу кои простувањето и „амкањето јајце“.
Според Лилјана Ѓорѓиеска, претседателка на здружението на жени „Преродба“, „амкањето“ е вековен обичај, најголема радост за децата.
– На сукало со конец се врзува варено јајце и пред децата се ниша. Кое ќе го загризе ќе биде најсреќно во годината. Суштината на „амкањето“ на јајцето е многу подруга: во последната вечера за Прочка, всушност, запокладуваме со јајце и со сирење. И по седум недели се омрсуваме пак со јајце. Тогаш, црвено, велигденско. Тоа го велиме е затворање на устата со јајце. А детенцето кое ќе го загризе врзаното варено јајце ќе биде среќно целата година. Потоа се запалува конецот на кој беше врзано јајцето и колку долго ќе гори, толку среќникот ќе живее. Адетите и традициите треба да се чуваат и да се негуваат. Ние се трудиме да им ги пренесеме на младите генерации – рече Ѓорѓиеска.
За етнологот при прилепскиот музеј, Александар Цветкоски, обичаите се жилави и покрај модерните времиња. За Прочка ги има многу. Прочистувањето на телото со постите и на душата со простувањето се меѓу основните.
– Обичаите низ вековите имаат модификација. Порано ја имале суштинската, социјална компонента. А секогаш исчистувањето е во центарот на вниманието на народот. Народот знае дека е грешен и, просто, поради тоа, сака да се исчисти пред големите настани, пред Прочката. Зашто, знаеме, Прочка е последниот ден пред големите велигденски пости имора да се влезе чист, ритуално, во тие пости. Така, в недела, на Велики поклади-Прочка, „дивеат“ касапите, дивеат тие маскирани поворки. Предците се тука, заедно со нас. Веднаш потоа, на чисти понеделник, сѐ се сведува на мир, тишина, на постење и прочистување – објаснува етнологот Цветкоски.
Утре напладне, на Велики поклади – Прочка, во Прилеп кулминираат карневалските свечености. Во центарот на Прилеп е главното карневалско дефиле на маските кое ќе го предводи автентичната, од Министерството за култура прогласена за нематеријално културно наследство, маската – Прилепски мечкари.
На карневалот се очекуваат околу 500 учесници со поединечни и групни маски, а стручно жири ќе ги прогласи најдобрите. Поканети се учесници и од речиси сите краишта на земјава.
Поради карневалот, угостителските објекти во викендот ќе имаат продолжено работно време. Поканети се и фотографи, зашто ќе бидат наградени и најдобрите фотографии направени на годинашниов карневал „Прочка 2024“.