Во Црна Гора, по силниот земјотрес што се случи утринава кај Никшиќ, регистрирани се 30 послаби земјотреси од 3,5 до еден степен според Рихтеровата скала, изјави раководителката на Одделението за анализа и обработка на податоци при Институтот за хидрометеорологија и сеизмологија, Милена Томановиќ.
Таа рече дека земјотресот со јачина од 5,3 степени, чиј епицентар бил на пет километри од местото Чараѓе кај Никшиќ, можел да предизвика штети во епицентралното подрачје.
– Ова е земјотрес што се случи во пограничното подрачје на Црна Гора и Босна и Херцеговина, тоа е сеизмогената зона Билеќа и Пива – рече Томановиќ на прес-конференција.
Според неа, очекувано е ваков вид земјотрес со јачина од 5,3 степени да се почувствува и на поширокото подрачје.
Зборувајќи за последователните земјотреси, Томановиќ рече дека не можат да предвидат дали може да се случи нов земјотрес со иста или поголема јачина.
– Имавме 30 последователни земјотреси, со јачина од 3,5 до еден или 1,5 степени – рече Томановиќ.
Таа нагласи дека серијата земјотреси од утринава покажала дека дошло до будење на сеизмичка активност.