Концерт на построк-бендот „Хубрис“ во Скопје
Зборот „хубрис“ според Стара Атина означувал прекумерна самодоверба, која далеку ја надминува нормалната самодоверба на човечкото суштество, желба да се биде на рамниште на боговите. Но боговите тоа го сметале за дрскост и го понижувале човечкото суштество, потсетувајќи го дека е обичен смртник. Онатан Хол е швајцарски музичар што стои зад бендот со името „Хубрис“, наречен врз основа на неговата вљубеност во онаа магија и убавина што постоеле во Стара Атина. Всушност тој е алфа и омега во групата, и гитарист и лидер и композитор и уметнички директор. Тој ги избира песните, членовите на групата, со еден збор вистински хубрис.
Концертот на швајцарскиот построк-бенд „Хубрис“ се одржа во рамките на одбележувањето на Месецот на франкофонијата, а во организација на Амбасадата на Швајцарија. Нивната музика е уникатен спој на експериментален построк, електронски атмосфери и навестувања на метал.
– Во една група може да има само еден лидер, ако има повеќе, нема да може да се развива во нешто поголемо. Моите идеи ги преточувам во музика, им кажувам на тапанарот, гитаристите, перкусионистот и на синтисајзеристот како да ги свират моите идеи. Постоиме седум-осум години и имаме издадено четири студиски албуми и еден во живо. Тиражите се релативно солидни, но стримувањата одат многу повисоко, така што една песна од вториот албум „Apocryphal Gravity“ беше стримувана повеќе од 600.000 пати. Му припаѓаме на правецот на рок-музиката наречен построк, кој во себе содржи и неколку навистина големи, еминентни имиња како на пример во „If these trees could talk“, „Set fire to flames“, „Caspian“, „God is an astronaut“ – вели Онатан Хол во интервјуто по повод неговиот настап во Скопје.
За музиката што ја свират вели дека е мешавина од повеќе правци, па освен рок, можеме да чуеме и хипхоп, фри џез, нојс, електроника, но сѐ со мера.
– Се трудиме да не бидеме нападни, туку со помеки тонови да ги споделиме емоциите со публиката. Всушност, публиката ја врзуваме со некакви мелодии што излегуваат од некое архаично заедничко минато, кое било заборавено. Сега со нашата музика ја потсетуваме публиката на некои дамнешни времиња. Нашите песни се и патувања и приказни и волшепства, како повторно да сме откриле некој одамна изгубен свет. Секој наш тон е светол, посебен, нуди надеж и храброст. Оваа музика е како терапевтска масажа за сечии уши, мозок и душа. Навистина е катарзична – додава Хол.
Групата е на турнеја низ неколку земји: Италија, Хрватска, Србија, Грција, Бугарија, како и Македонија. На настапот во Скопје промовираа песни од сите албуми, но најмногу се задржаа на последниот „The One Above“, кој, како што вели Хол, лично му е најомилен.
– Се надевам дека концертот во Скопје ги задоволи барањата на македонската публика – додава лидерот на групата.
Концертот се одржа во новоотворениот културен простор „Лабораториум“, кој е како создаден за живи свирки. Публиката што го исполни просторот уживаше во звучните емотивни бранови, кои како приказни допираа до сите што присуствуваа на концертот. Иако во нивната музика нема текст, нема пеење, сепак таа предизвика неверојатно позитивно расположение кај нашата публика. „Хубрис“ можеби нема да се стекнат со статусот на богови, но сигурно е дека донесоа дел од таа боговска музика и за нас смртниците.
Љупчо Давчев