Концептот на функцијата претседател на државата подразбира грижа за интересите на сите граѓани на државата и за севкупниот просперитет на целата држава. Меѓутоа, во досегашните претставувања на кандидатите за претседател на Македонија од албанскиот политички блок не е забележлив наратив адресиран кон севкупните интереси, кон сите граѓани во Македонија, вклучувајќи и кон македонскиот народ или кон другите малцинства, ниту пак кон некаков општ интерес за развојни програми на државата…
Во прилог кон претстојните избори за претседател на Македонија
Активностите за претседателските избори сериозно се забревтани, личностите што партиите ги номинирале за свои кандидати или самостојно одлучиле да влезат во процесот собираат или веќе завршиле со собирање граѓански потписи за законско поткрепување на своите кандидатури… и веќе во различни медиумски форми ги искажуваат своите програмско-политички заложби, кои би ги спроведувале од позицијата претседател на државата. Како резултат на политички превирања во албанскиот блок партии, во оваа претседателска изборна трка учествуваат двајца кандидати, искусни политичари, етнички Албанци. Интересно забележливо е што во нивните досегашни настапи за претставување на своите програми и заложби како претенденти за претседателската функција, двајцата кандидати му се обраќаат претежно на албанското гласачко тело, иако концептот на функцијата претседател на државата подразбира грижа за интересите на сите граѓани на државата и за севкупниот просперитет на целата држава. Иако навидум со конкурентски програми и од различна позициско-опозициска провениенција, се чини дека главниот мотив или цел, и на кандидатот на ДУИ, Бујар Османи, и на кандидатот на Европскиот сојуз за промени, Арбен Таравари, е да издејствуваат спроведување на идејата за избор на претседател на државата во Собрание, гарантирани највисоки државни функции за Албанците и уставни измени за унапредување на статусот на албанското малцинство во рамноправен државотворен статус со мнозинскиот македонски народ… Во досегашните претставувања на овие кандидати не е забележлив наратив адресиран на интересите на македонскиот народ и на малцинствата, ниту пак на некаков општ интерес за развојни програми на државата.
– Забележливо е дека без оглед на која државна позиција претендираат политичарите од албанскиот блок партии во Македонија, секогаш ја тераат само таа своја етноцентристичка агенда и му се обраќаат исклучиво на албанскиот електорат. Не покажуваат речиси никаков интерес за македонското избирачко тело и одат на ексклузивна националистичка реторика. Мора да се нагласи дека во т.н. македонски блок партии, пак, секогаш се внимава да биде застапена инклузивната реторика, дека Македонија е заедничка држава на сите граѓани. Сепак, албанските кандидати во изборните кампањи ги опфаќаат исклучиво Албанците и ретко може да се слушнат какви било идеи и заложби за решавање на општите предизвици во државата: за борба против корупцијата, подобрување на состојбите во здравството, образованието, инфраструктурата… за прашања што се од заеднички интерес на сите граѓани во државата. Не отстапуваат од воспоставената изборна практика, која е лоша и не води кон унитарна држава. Не отстапуваат од таа практика со која всушност се работи на поделеност на општеството, иако самите си ја сечат гранката на која седат – вели универзитетската професорка Солза Грчева, лидерка на партијата Глас за Македонија.
Комуникологот Бојан Кордалов, пак, оценува дека во поголема или помала мера сите политички чинители во Македонија не успеале да го надраснат тој момент на фокусираност во своето изборно обраќање кон одреден етникум.
– Од воспоставувањето на независноста на Македонија, па, еве, до овој изборен циклус во 2024 година, партиите во државава не успеаја да го надминат тој „феномен“ на фокусираност спрема одреден етникум. Повеќе или помалку, низ годиниве тој и понатаму е присутен и партиите практично „играат на сигурно“ во освојувањето на гласовите со активирањето на тие етничко–национални теми. Нивната политичка егзистенција е зависна од подгревање на етничките прашања. Ако сакаме да постигнеме некаков реален општ исчекор на државата, секоја политичка партија треба да се отвори спрема сите граѓани и гласачи, според теми што се од заеднички интерес, да ја истакне својата понуда за решавање на состојбите што ги допираат сите граѓани, според политичка идеологија, а не да се затвораат во етничкиот простор – вели комуникологот Бојан Кордалов.