Најголемата промена е во делот за исплата на плати во клубовите
Македонското собрание ги усвои промените во Законот за спорт во делот на ваучер-системот, за распределбата на парите во износ од 10 милиони евра, од државата за македонскиот спорт на годишно ниво. Ова е завршницата од тоа што се поттикна во септември лани кога беше укинато досегашното законско решение, кое не им одеше во прилог на федерациите, клубовите и на индивидуални спортисти. Најголемата промена во новата верзија на Законот за спорт е во делот за исплата на плати за играчите во клубовите, со оглед на тоа што во еден од членовите е предвидено дека 25 отсто (една четвртина) од добиените пари ќе може да се потрошат за плати на странски спортисти. Ова е со цел промоција на домашниот спорт, со оглед на тоа што три четвртини од сумата добиена преку ваучерот ќе се префрлаат на сметките на македонските спортисти.
– Предлог-измените на Законот за спорт се однесуваат на обезбедување финансиски поттикнувања по основа на директна државна помош за националните спортски федерации, спортските клубови, активни спортисти од олимписки и од неолимписки спортови и други правни субјекти, кои имаат решение за вршење дејност спорт, кревање на спортот на повисоко ниво во нашата земја и остварување подобри резултати во домашни рамки и на меѓународно ниво – се вели во објаснувањето на промените на Законот за спорт.
Во предлогот за измени на законот се наведени критериумите според кои ќе бидат направени ранг-листите за федерациите и клубовите во секој спорт, според кои потоа ќе се распределат парите од државата. Со промените се предвидени и казни, до максимални 10.000 евра, за федерациите и за клубовите што добиваат пари од државата. Според предлогот, Агенцијата за млади и спорт (АМС) е обврзана да формира централна комисија (ЦК), со тоа што претседателот и двајца членови ќе бидат лица вработени во АМС, а по двајца од националните спортски федерации од екипните спортови и од националните спортски федерации од индивидуалните спортови. Секоја национална федерација е должна прелиминарната бодовна листа да ја објави до 1 март во годината и да ја достави до ЦК, која потоа ја проверува, евалуира и доставува до Советот за спорт. Таму листата се проверува уште еднаш и потоа се доставува до „Службен весник“ за објава, со што станува конечна. Сето тоа мора да се заврши до 5 април, се вели во соопштението. Г.И.