Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од Националната земјоделска мрежа јавно упатија ултиматум до надлежните дека „доколку до крајот на февруари не ги добијат субвенциите и надоместокот за зелена нафта, индивидуалните земјоделци (здружени во Националната земјоделска мрежа) најавуваат генерален штрајк“. Наедно, оризопроизводителите ги бараат субвенциите и за зелената нафта. Тие најавија дека сѐ уште одлучуваат за датумот на протестите, истакнувајќи дека знаат дека тоа не е решение, меѓутоа доколку до крајот на месецот разговорите со надлежните државни органи не дадат плод, тие се веќе подготвени да излезат на протести…

ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ОД НАЦИОНАЛНАТА МРЕЖА БАРААТ ЗАГАРАНТИРАН ОТКУП И ОТКУПНА ЦЕНА НА ЗЕМЈОДЕЛСКИТЕ ПРОИЗВОДИ

Деновиве во тек се подготовките за сеидба на ориз на планираните површини. Годинава, според изворите во Националната земјоделска мрежа, се планира сеидба на ориз на апроксимативно 4.000 хектари, но сето тоа во еден дел ќе зависи и од хидролошката состојба. Оној другиот дел се субвенциите. Земјоделците очекуваат брза исплата на субвенциите, како за оризот, така и за сите пролетни култури. Но, како и претходните години, остануваат нерешени низа суштински проблеми, информираат од Националната земјоделска мрежа.

Старите проблеми на
земјоделците се всушност идентични со новите

И годинава земјоделците ги издвојуваат старите проблеми со кои мака мачат со години: скапи репроматеријали, несертифицирано семе, доцнење на субвенциите…
Од Националната земјоделска мрежа за оризот истакнуваат дека минатогодишниот род потфрлил и во квалитетот и во квантитетот, а откупната цена е за три-четири денари повисока од производствената, која изнесува 34 денари за килограм оризова арпа!
Овој пат тие јавно упатија ултиматум до надлежните дека „доколку до крајот на февруари не ги добијат субвенциите и надоместокот за зелена нафта, индивидуалните земјоделци здружени во Националната земјоделска мрежа најавуваат генерален штрајк“. Наедно, оризопроизводителите ги бараат субвенциите и за зелената нафта, со цел да вложат во производството. Тие најавија дека сѐ уште одлучуваат за протестите и дека знаат дека тоа не е решение, меѓутоа доколку до крајот на месецот разговорите со надлежните државни органи не дадат плод, тие се веќе подготвени да излезат на протести.

Ако откупната цена на арпата биде под производствената, оризопроизводителите ќе запрат со обработување на површините

Оризовата арпа се откупува од 37 до 38 денари за килограм. Од Националната земјоделска мрежа велат дека доколку откупната цена паѓа и е под производствената, во тој случај голем дел оризопроизводители ќе размислат дали ќе почнат со обработување на површините. Земјоделците од Националната мрежа и понатаму бараат загарантиран откуп и откупна цена на земјоделските производи, а оризот да се прогласи за стратегиска култура.
Според соговорници од Националната земјоделска мрежа, состојбите во аграрот се крајно загрижувачки. Тие се решени дури и да блокираат клучни патишта или масовно ќе излезат на протест во Скопје. Тие велат дека исплатата на субвенциите и зелената нафта доцни, а тоа значи дека нема да добијат пари кога најмногу им се потребни.
Здравко Арсов од Националната земјоделска мрежа тврди дека за 2023 година исплатиле само авансно 30 отсто и дека со завршувањето на календарската година требало да биде завршена и исплатата.
– Условот е доколку не си го предал оризот, пченицата или јачменот, не можеш да земеш субвенции. Но, проблемот е во тоа што нема кој да ги откупи. Тоа значи дека земјоделците не можат да земат субвенции – истакнува Здравко Арсов од Националната земјоделска мрежа.
Од Националната земјоделска мрежа информираат дека за земјоделците од откупената оризова арпа остануваат скромни три-четири денари, а откупната цена и понатаму ќе паѓа. Зошто?
– Имаме информации дека цената на оризот повторно ќе паѓа и ќе биде под производствената. Зошто? Затоа што е дозволен неконтролиран увоз на ориз. Со каков квалитет – не знаеме! Од каде е увезен, повторно не знаеме! Но знаеме дека пазарот си го прави своето и ја намалува цената на квалитетниот кочански ориз. А најмногу ни е жал за тоа што гледаме дека оризот што е увезен се води под брендот кочански ориз – изјавуваат од Националната земјоделска мрежа. Е.Р.