Фото: ЕПА

АЛПСКО СКИЈАЊЕ – СВЕТСКИ КУП

Победи на Басино и на Вениер во брзинските трки во Кран Монтана

Марта Басино (Италија) ја забележа својата прва победа во спуст во Светскиот куп во алпско скијање, на трката во швајцарското одморалиште Кран Монтана, во саботата, а вчера, во уште една брзинска трка, во супервелеслаломот победи Стефани Вениер (Австрија).
Басино стана седмата различна победничка во седумте трки во спуст во оваа непредвидлива сезона. Единствениот претходен подиум на Басино во спуст во Светскиот куп беше второто место во Банско пред повеќе од четири години, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС). Вениер сезонава победи и во спустот во Кортина д`Ампецо (Италија) во јануари.
– Тоа е неверојатно. Знам дека добро скијам и само се обидов да бидам брза. Мислам дека имав одлична трка, ги направив сите работи што ги видовме и што ги анализиравме. Бев стартен број три и мислам дека тоа малку помогна бидејќи снегот стана побавен – рече Басино, чии шест претходни победи во Светскиот куп беа во велеслалом, а единствениот претходен глобален триумф во брзинска трка беше во супервелеслалом на минатогодишното Светско првенство, пишува ФИС. Н.М.


АЛПСКО СКИЈАЊЕ – СВЕТСКИ КУП (МАЖИ)

Хинтерман и Крихмаер славеа во Квитфјел

Ова е сезона во спуст за скијачи дефинирана со повреди, особено на бранителот на титулата Александар Амод Килде (Норвешка), кој ја заврши сезоната, а уште еден се случи во Квитфјел (Норвешка), во саботата, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС).
Љубителите на скијањето ја очекуваа трката на Марко Одермат (Швајцарија) и Киприен Саразан (Франција) за кристалниот глобус во спуст, откако само шест бода ги делеа пред оваа трка, со две трки до крајот на сезоната. Но Французинот, кој победи на два спуста во јануари, се повреди на тренингот. Нилс Хинтерман (Швајцарија) победи на патеката, која беше создадена за Зимските олимписки игри во Лилехамер во 1994 година. Тој ја освои својата единствена титула во спуст таму во 2022 година и го повтори подвигот во саботата.
Во вчерашниот супервелеслалом победи Винсент Крихмаер (Австрија), а Одермат, кој целосно доминира и води во трката за освојување на малиот кристален глобус (титулата) во таа дисциплина сезонава, беше на делба на третото место со Доминик Парис (Италија). Н.М.


СКИЈАЧКИ СКОКОВИ – СВЕТСКИ КУП

По пет години чекање, победа на Домен Превц

Словенецот Домен Превц по пет години, и неговиот успех во Викерсунд во 2019 година, забележа нов триумф во Светскиот куп во скијачки скокови, вчера, во Сапоро (Јапонија). Превц победи пред локалниот херој Рјоју Кобајаши и Норвежанецот Кристофер Ериксен Сундал на 137-метарската скокалница, на која во саботата триумфира водечкиот во Светскиот куп, Стефан Крафт од Австрија.
Крафт, Мануел Фетнер и Јан Хоерл на местата од четвртото до шестото уште еднаш обезбедија врвен тимски резултат за Австрија, а потоа на табелата беа Рен Никаидо, Петер Превц, Ловро Кос, Бенџамин Естволд…, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС). Н.М.


АТЛЕТИКА
Холовеј го собори сопствениот светски рекорд на 60 м со пречки

Грант Холовеј го собори сопствениот светски рекорд на 60 метри со пречки на американското првенство во атлетика сала, во Ново Мексико, пишува „Би-би-си“. Освојувачот на сребрен олимписки медал во трка на 110 метри со пречки оствари време од 7,27 секунди, две стотинки подобро од досегашниот планетарен рекорд.
Победата беше 60-та по ред за Холовеј на 60 метри со пречки, серија што се протега една деценија.
– Знаев дека ќе биде добро откако излегов од стартниот блок, 7,27 секунди на убава патека е секогаш добра работа – рече 26-годишниот атлетичар.
Холовеј, трикратен светски шампион на 110 метри со пречки, се повлече од финалето бидејќи му беше обезбедено местото во тимот на САД за Светското првенство во сала во Глазгов во март.
Тиа Џонс го израмни светскиот рекорд на 60 метри со пречки за жени од 7,67, пред да победи во финалето со 7,68, пишува „Би-би-си“. Н.М.