Она што ми го привлече вниманието и безмалку ме остави без зборови е несфатливата потреба да се следи и да се пренесува буквално секој збор на припадниците на едниот или другиот табор од Алијансата, и од тоа практично да се прави партиски пиар, да се прави пропаганда, да се дистрибуира информацијата произлезена од партиите и поединците до целокупната јавност, некритично и по автоматизам, без да се забележи дека некои од тие изјави претставуваат директна закана за уставниот поредок, повик на бунт, на политичко насилство и рушење на унитарниот карактер на Македонија. Се повикува на федерализација, сегрегација, регионализација и сето тоа медиумите ладнокрвно и некритички го пренесуваат, а институциите, пак, кои се надлежни да ги детектираат, процесираат и санкционираат ваквите класични кривични дела (не се прекршоци, туку инкриминирани дела во Кривичниот законик), не реагираат по ниедна основа! А некој им (ни) ја руши државата пред нивниот нос!
Домашната јавност изминатиов период е преплавена од информации што се однесуваат на Алијансата за Албанците, една од партиите прелетувачи, која по потреба е со власта, а кога е тоа опортуно, се префрла во опозицискиот табор. И тоа не би било страшно, бидејќи не е ни прва ни последна таква партија во нашиот политички омнибус, каде што идеологијата е мислена именка, а ѕвездата водилка е секогаш интересот и само интересот. Од првата до последната партија. За жал.
Но тоа е тема за некоја друга опсервација, а она што сега ми го привлече вниманието и безмалку ме остави без зборови е несфатливата потреба да се следи и да се пренесува буквално секој збор на припадниците на едниот или другиот табор од Алијансата, и од тоа практично да се прави партиски пиар, да се прави пропаганда, да се дистрибуира информацијата произлезена од партиите и поединците до целокупната јавност, некритично и по автоматизам, без да се забележи дека некои од тие изјави претставуваат директна закана за уставниот поредок, повик на бунт, на политичко насилство и рушење на унитарниот карактер на Македонија. Се повикува на федерализација, сегрегација, регионализација и сето тоа медиумите ладнокрвно и некритички го пренесуваат, а институциите, пак, кои се надлежни да ги детектираат, процесираат и санкционираат ваквите класични кривични дела (не се прекршоци, туку инкриминирани дела во Кривичниот законик), не реагираат по ниедна основа! А некој им ја руши државата пред нивниот нос!
Јавноста се труе со маргиналните рефлексии на дејствувањето на нашите политички партии врз општеството, за тоа како се преговараат и договараат идните коалиции, како се навредуваат, подметнуваат, вадат валкан веш…
А се замижува кога се протураат барања за кои во нормална држава се оди на суд, а богами ниту затворот не би можело во вистински правни држави никако да се одбегне. Но, како што реков, тоа важи за нормалните држави, каде што судство и обвинителството функционираат, а не постојат само за молчење, сликање и трчање по помош во странски амбасади. Таму судиите и обвинителите имаат интегритет, од нив се плашат и претседателите и премиерите, да не зборувам за пониските функционери, кои не можат ниту да помислат да кажат нешто за челните луѓе на правосудството, а не пак да им се закануваат, да ги менуваат како чорапи и да им диктираат што и како смеат да кажат или да направат.
Сега знам дека повеќето читатели ќе скокнат и ќе речат дека не е баш така, дека постојат исправни и храбри судии и обвинители кај нас и не може сите да се стават во ист кош. Во ред, ако е тоа така, тогаш еве им отворен простор на тие храбри и исправни судии и обвинители да излезат на мегдан и да го вперат прстот во сите неправди со кои се соочуваат заедно со нас.
Но тоа нема да се случи, како што не се случи ни во очигледните случаи со кои изминатиов период се соочувавме, а кога и бруцош на кој било од дузината правни факултети во земјава ќе кажеше дека не се согласува. Но кога ќе се седне во топлата фотелја, одеднаш розовите очила не дозволуваат да се види тоа што треба да се види.
А како поинаку да се оквалификува тоталната заслепеност во однос на она што погоре го спомнав, упорното повторување на флагрантните кршења на Уставот од страна на највисоките претставници на партиите, па дури и на носители на државни функции, кои упорно заговараат федерализација на државата, со директни атаки на уривање на унитарноста и сето тоа излегува на телевизија и во печатот! Заканите и уцените со започнување нова војна доколку не се смени конечно карактерот на македонската држава: промена на Уставот со што Македонија би функционирала бинационално; дводомен парламент, промени на Уставот за албанскиот јазик да биде службен јазик на целата територија на Македонија; во делењето на државниот буџет тој да биде по некој етнички клуч… И ако не се случи сето тоа, во скоро време тоа ќе се случи со „други средства“?! Насилни, секако!
А институциите?! Ништо! Што е тоа друго, освен тотална нефункционалност на државата!
Време е за отрезнување, за отворање на очите. Веднаш и сега да се повратат функциите на државата, ако сакаме да ги зачуваме нашата унитарна Македонија и мултинационалното општество. Бидејќи сите заедно сме загрозени со нефункционирањето на државата и непреземањето мерки
Би било интересно да се види дали и како во други држави се третираат партии што отворено заговараат промена на уставниот поредок, пред сѐ дали е дозволена нивна регистрација. Но овде, очигледно, сѐ е дозволено, па затоа се доаѓа до фаза, особено актуелна деновиве, кога највисоки државни претставници очигледно одат против Уставот со непочитување на македонскиот јазик во секоја можна пригода, а никој не реагира на таквиот однос.
Но за нашата јавност сето тоа е помалку важно. За јавноста е најважно дали АА ќе стане партнер на левата или на десната страна на политичкиот кантар. Ништо друго во оваа држава не е важно, иако „под житото“ продолжуваат мрачните тенденции на газење на Уставот и на законите. Но само за оние што сакаат да го видат тоа.
Време е за отрезнување, за отворање на очите. Веднаш и сега да се повратат функциите на државата, ако сакаме да ги зачуваме неа и мултинационалното општество. Бидејќи, сите заедно, повторувам, сите заедно сме загрозени со нефункционирањето на државата и непреземањето мерки.