Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според податоците на Евростат (Генерален директорат на Европската комисија задолжен за обезбедување на Европската Унија со статистички податоци на европско ниво и за унапредување на интеграцијата на статистичките методи низ земјите членки на ЕУ, како и земјите кандидатки и земјите од ЕФТА), меѓу 21 земја на ЕУ, цената на еден хектар обработливо земјиште варира од 3.700 евра во Хрватска до незамисливо високи 233.230 евра во Малта!

Евростат: Цени и закупнини на земјоделското земјиште во ЕУ

Земјоделецот или го поседува земјиштето што се користи за земјоделски цели или изнајмува земјоделско земјиште и годишно му плаќа износ на сопственикот на земјиштето. Овие цени и закупнини значително се разликуваат помеѓу земјите на ЕУ и помеѓу регионите поради широк спектар на причини што вклучуваат, меѓу другото, национални фактори (како што се државните закони), регионални фактори (на пр. клима, мрежно поврзување по повеќе основи) и тесно локални фактори на продуктивност (како што се квалитетот на почвата, наводнувањето, пристапот до површините итн…). Експертите издвојуваат дека и пазарните сили на понудата и побарувачката, вклучувајќи го и влијанието на правилата за странска сопственост, исто така можат да влијаат на цената на земјоделското земјиште.
Во еден таков контекст, просечната цена на еден хектар обработливо земјиште во ЕУ беше 10.578 евра, неодамна објавија Евростат.

Во Хрватска најниска цената за купување обработливо земјиште

Според податоците за 2022 година, меѓу 21 земја на ЕУ, цената на еден хектар обработливо земјиште варира од 3.700 евра во просек во Хрватска, па сѐ до 233.230 евра во просек на Малта. Податоците за Малта ги одразуваат ограничената достапност на земјоделското земјиште и притисокот за алтернативни намени, што резултира со цени повисоки отколку во другите земји членки.
Според Евростат, имаше три земји од ЕУ во кои имаше особено силни регионални варијации во цените на земјиштето за еден хектар обработливо земјиште. Во Холандија, цените се движеа од 66.051 до 150.644 евра, а националниот просек е 85.431 евро по хектар. Во Грција, цените се движеа од 6.290 евра во Дитики Елада до 84.820 евра во Атики, а националниот просек е 13.571 евро по хектар. Во Шпанија, цените се движеа од 4.906 евра до 83.299 евра, а националниот просек е 10.263 евра по хектар.
Најевтините региони во кои може да се купи еден хектар обработливо земјиште во 2022 година беа Овре Норланд (2.041 евро во просек) и Мелерста Норланд (2.437 евра) во Шведска.

Обработливото земјиште поскапо од трајните пасишта речиси насекаде во ЕУ

Просечната цена на еден хектар обработливо земјиште во ЕУ било околу 2.200 евра повеќе од просечната цена на еден хектар трајно пасиште во 2022 година (на 8.393 евра). Обработливото земјиште било поскапо од трајните пасишта во речиси сите земји и региони, исклучоци биле Луксембург и Мадрид.
Постојаните пасишта биле најевтини во Бугарија, со 1.887 евра по хектар во 2022 година, што е речиси четири пати помалку од еквивалентната цена на еден хектар обработливо земјиште (7.303 евра). Разликата помеѓу цената на постојаните пасишта и обработливото земјиште била најширока во однос на соодносот во регионот на Ворео Аигајо во Грција (околу дваесет пати разлика помеѓу 1.757 евра по хектар трајно пасиште и 36.435 евра по хектар обработливо земјиште). Во однос на апсолутната вредност, таа беше најширока во Атики (84.820 евра по хектар обработливо земјиште и 25.000 евра по хектар трајно пасиште; 59.820 евра по хектар разлика).

Земјоделските кирии најевтини во Словачка

Како и кај цените на земјоделското земјиште, исто така имаше значителни варијации во закупнината на земјиштето помеѓу земјите и регионите. Во рамките на ЕУ, просечната цена за изнајмување обработливо земјиште или постојани пасишта била 199 евра по хектар, што се движи од 57 евра по хектар во просек во Словачка до 843 евра по хектар во просек во Холандија.
Меѓу регионите на ЕУ, изнајмувањето на еден хектар земјоделско земјиште било најскапо во холандскиот регион Флеволанд (1.764 евра по хектар), проследено со Канарија во Шпанија (1.136 евра по хектар) и Атики во Грција (1.048 евра на хектар).
Спротивно на тоа, цените за изнајмување беа најниски во Шведска – 24 евра по хектар, потоа во Словачка по 39 евра. Постојаните пасишта се главната употреба на земјоделско земјиште во тие региони.
Помеѓу земјите на ЕУ што пријавија специфични цени за изнајмување обработливо земјиште и за постојани пасишта, изнајмувањето постојани пасишта беше речиси секогаш поевтино од изнајмувањето обработливо земјиште. Закупнината за еден хектар трајно пасиште во 2022 година се движеше од ниско ниво од 32 евра во просек во Словачка до 354 евра во просек во Ирска, а соодветните цени за изнајмување за обработливо земјиште беа 77 евра и 510 евра по хектар во просек. К.М.