Ретроспектива во Националната галерија
Во очекување на програмата за 2024 година, Националната галерија на Македонија започнува со првиот вонпрограмски проект, одбележување на педесетгодишното творештво на академскиот скулптор Ангел Димовски–Чауш. Во Националната галерија, објектот „Чифте-амам“, на 1 февруари, во 19.30 часот, ќе се отвори неговата ретроспективна изложба. Македонската јавност ќе има можност да се запознае со богатиот творечки опус на овој наш уметник, кој повеќе децении живее и работи на релацијата Македонија – Франција.
Делата на Ангел Димовски–Чауш, творени во текот на изминативе педесет години, имаат четири тематски/идејни целини. Компонирани се од фигуративни, предметни, јазични и археолошко-етнографски содржини.
– На стилски план е остварен личен израз во сите четири тематски целини, како спој на инвентивно употребен еклектицизам на архаичното, примитивистичкото, нивните модернистичко-авангардни преработки, поп и рок-културата. Во таа смисла, скулптурите на Ангел Димовски–Чауш припаѓаат на модернистичко-авангардната линија што исконското го внесе во модерното. Тоа се скулптури чиј заеднички именител е интенцијата да се изрази говорот на телото обликувано во стилизирани робусни и елегантни анатомски дисторзии, или сведено на апстрахирано тело – лушпа во активност – велат од НГМ.
Во неговите дела се препознаваат главниот мотив – жената и придружниот мотив на птицата, при што асоцијациите за преплетување на антропоморфното во зооморфното, и обратно, се често присутни. Другата целина ја претставуваат сликарско-скулпторски објекти со критичка ангажираност на конкретни актуелни состојби, случувања и процеси во екологијата, политиката, културното наследство, националниот идентитет, сообраќајната (не)култура. Третата целина се омажи за писмото/јазикот, за описменувачите и јазичните кодификатори на старословенската глаголица и кирилица, и на современиот македонски јазик, додека четвртата целина е своевиден омаж на т.н. примитивизам на црнечката скулптура споена со сензибилитетот на поп и рок-културата, на која ѝ припаѓа уметникот од времето на неговата младост.
Изложбата ќе биде поставена до 20 февруари. Куратор е Љупчо Маленков, а соработник-куратор е Горанчо Ѓорѓиевски, кустос во Националната галерија.
В.Д.